Во примерите за економско насилство на жените во Црна Гора се наведуваа дека мажите им ја одземаат целата плата, а во некои случаи им даваат од две до пет евра за трошење

Црногорските жени се изложени и на економско насилство, кое е проследено и со други облици на насилство, како што е психичкото, кое се манифестира со контрола на движењето и одземање на правото на самостојно одлучување за управување на приходите. Координаторката на програмата за родова рамноправност во канцеларијата на УНДП во Црна Гора, Вања Шчеповиќ, вели дека податоците за економското насилство не ги откриваат вистинските размери за оваа појава.
– Често слушаме за случаи во кои сопрузите, партнерите или друго машко лице од членовите на семејството се задолжуваат со кредити на сметка на заедничките приходи. Некогаш тоа е и без согласност и знаење на жената, што значи дека финансиските институции не ги спроведувале доследно законските норми. Последиците од ова се гледаат по разводите, кога кредитната обврска ја презема само жената – вели Шчеповиќ за „Вијести“.

Според истражувањата, околу 90 отсто од испитаничките не се сопственици на недвижности. Жените се сопственички на четири отсто од куќите, осум отсто од земјиштето и 14 отсто на викендичките.

– Иако се еднакви пред законот, и натаму преовладува обичајното право и жените се одрекуваат од наследството во корист на машките членови на семејствата. Ова е отежнувачка околност, особено за жените што се претприемачки, затоа што не располагаат со недвижности што би можеле да се искористат за гаранција за подигање кредити. Доколку жената излезе од бракот во кој е изложена на економско насилство, а притоа има и деца, неа ја чека ново разочарување, затоа што поранешниот сопруг избегнува да плаќа алиментација – вели Љиљана Раичевиќ, директорка на сигурна куќа во Подгорица.

Според Сучко Баковиќ, заштитник на човековите права и слободи, најчестите приговори од страна на жените се однесуваат на неисплаќање редовна и соодветна алиментација и лишување на правото на сопственост.

Од Управата на полицијата во првата половина во 2018 година се регистрирани 120 кривични дела на семејно насилство. Во истиот период во судовите биле обработувани 1.117 предмети од областа на Законот за заштита од насилство во семејството. Околу 720 предмети биле завршени, од нив во 241 биле изречени парични казни, во 85 казна затвор, во 101 условна пресуда, во 53 биле изречени опомени и во пет се препорачувале воспитни мерки.

Адвокатот Милош Вуксановиќ вели дека економското насилство над жените е тешко докажливо на суд или е речиси невозможно да се докаже. Според него, тоа претставува најпрефинет облик на насилство и е вовед во друг вид насилство.

– Од тие причини, економски потчинетиот брачен другар ретко се одлучува на развод.

Тоа му овозможува на мажот поголема употреба на други видови насилство. Потчинетата позиција за жената произлегува од ставот дека сопругот е тој што заработува и ги обезбедува финансиските потреби на семејството, а сопругата се грижи за децата и домаќинството – вели Вуксановиќ.

Во примерите за економско насилство се наведуваат случаите на жените кога им се одзема целосната месечна заработувачка и со неа располага мажот. Во некои случаи мажите им даваат од две до пет евра за трошење, и тоа само ако се добро расположени.

Паричната казна за сторителите на основниот облик на прекршок од економско насилство изнесува 150 евра и не е доволно да влијае на идното однесување на извршителите на економско насилство, предупредуваат од канцеларијата на народниот правобранител.