Само последните неколку недели во Србија, во случаите на семејно насилство, настрадале пет жени

Србија

Од почетокот на годината, во Србија, во случаите на семејно насилство, се убиени 11 жени. Повеќето од нив немале храброст да заминат од домот во кој бил и насилниот сопруг или партнер. Ни пријавувањето во полиција или изрекувањето мерка забрана за приближување на жртвата, не ги спречило насилниците да извршат и убиство. Најчесто насилниците се сопрузи, вонбрачни партнери и синови. Тие не избираат средства за да ја малтретираат жената, а тоа го прават и во присуство на децата, кои се и сведоци на злосторничкиот чин.

Последниот случај што ја разбранува јавноста во Србија е обидот за убиство на Теодора Ј. извршен од сопругот Драгослав. Двајцата почнале постапка за развод. На Драгослав му било забрането да ѝ се приближува до Теодора. Тоа не го спречило да се обиде да изврши убиство со оружје во присуство на нивното бебе, кое било во количката. Потоа, тој самиот си пукал во главата. Двајцата сопружници биле пренесени во болница и се наоѓаат во тешка здравствена состојба, пишува „Политика“.
Контролата на мерката забрана за приближување, која била одредена од судот за Драгослав, како и во сите други случаи на семејно насилство, во секојдневната практика не се применува. Полицијата е должна да реагира само по пријава од жртвата дека мерката не се почитува.

– Имав случај кога жената го пријавила сопругот дека ја чека кај автомобилот во време кога излегува од работа, иако му била изречена мерка забрана за приближување. Во друг случај, мажот бил во близината на градинката кога мајката доаѓала да ја земе ќерката. Но додека нема пријава, никој не контролира дали одлуката за забрана се почитува – вели еден адвокат од Белград.

И Весна Станојевиќ, координаторка на сигурна куќа, вели дека многу повеќе се оние што ја почитуваат забраната за приближување.
– Досега забраната е во сила, некои од мажите се држат на оддалеченост од нивните партнерки и деца. Но постојат и трет тип мажи, кои ваквите мерки за забрана и ги провоцира – вели Станојевиќ.

Затоа таа предлага, при одредувањето на мерката забрана на приближување, обвинителството и судот да побараат и мислење од специјалист, односно психолог или психијатар.

Нападите врз жени е хроничен проблем во српското општество. Само последните неколку недели во случаите на семејно насилство настрадале пет жени. Статистиката покажува дека секоја трета жртва на насилство, претходно го пријавила насилното однесување на мажите. Најголемиот број од убиствата биле извршени со нелегално огнено оружје.

По донесувањето на Законот за спречување на насилство во семејството постоеја високи очекувања дека нападите врз жените ќе бидат намалени, но тоа не даде резултати што се однесува до намалувањето на бројот на убиствата.
Претставничката на Автономниот женски центар, Вања Мацановиќ, вели дека законот е добар за превентива, но дека не нуди решение за високоризичните насилници.
– Во некои случаи ризикот се потценува, а тоа е напуштањето на насилникот, поведување бракоразводна постапка, но и достапноста до оружјето – објаснува Мацановиќ.

Психологот Александра Јанковиќ вели дека зачестено е агресивното однесување меѓу возрасните лица, како и меѓу децата на училишна возраст. Ова се објаснува со тоа што некои луѓе не се во состојба своите фрустрации и незадоволство да ги решаваат на друг начин, и ги искажуваат преку агресија, најчесто кон своите партнерки.