Искуството со Хрватска и со Србија дава почетни сигнали за тоа дека треба да помине долг период за да се прифати дека учеството на жените во креирањето на државните политики не треба да биде само заради задоволување на формата и концептот на т.н. позитивна дискриминација

Феминистичкиот бран со изборот на жени на значајни државни функции го зафати и Балканот. Првиот исчекор за учеството на жените на важни државнички функции во земјите од поранешна Југославија беше направен со изборот на Колинда Крабар-Китаровиќ, а потоа и со именувањето Ана Брнабиќ за прва жена за премиер во Србија. Последниот таков позитивен пример е гласањето во грчкиот парламент за именување на Екатерини Сакеларопулу за претседателка на Грција. Дали овие три случаи ја навестуваат новата политичка клима на Балканот и значат уривање на предрасудите за тоа дека првиот и последен збор треба да го имаат политичарите од машки род, или се само моментален тренд за препуштање на високата политика во рацете и на жените, останува предмет на поширока дебата и анализа. Но досегашното искуство со Хрватска и со Србија дава почетни сигнали за тоа дека треба да помине долг период за да се постигне висока свест за тоа дека учеството на жените во креирање на државните политики не треба да биде само заради задоволување на формата и концептот на т.н. позитивна дискриминација, преку воспоставување законски квоти, на советничките и пратеничките квоти, за еднаква застапеност и за учество на жената во политиката.

Изборот на Екатерини Сакеларопулу за претседателка на Грција, можеби, и немаше да се случи, доколку британската новинарка од Би-би-си, во првото интервју по изборот на Киријакос Мицотакис, не го искритикува за тоа дека во новиот премиерски кабинет има само две жени. Мицотакис објасни дека во Грција немало толку многу жени што се интересираат за политика, по што следуваше одговорот од новинарката дека би можела да наброи неколку жени. Оттогаш во Грција сметаат дека е моментот кога конзервативниот премиер, кој застапува умерена политика на центарот, ќе даде јасен знак и ќе ангажира повеќе жени во политиката, забележува „Дојче веле“ во текстот посветен за првата жена претседател на државата.

Иако претседателот на Грција има само протоколарни задолженија и тој е понастрана од креирањето на глобалните политики за односите во земјата и во странство, оваа функција се смета како фактор за интегрирање, особено во клучните моменти за Грција, како што беше финансиската криза, па и потпишувањето на Преспанскиот договор, за кој имаше длабоки разидувања кај тогашниот опозиционер Мицотакис и левичарскиот премиер Алексис Ципрас. Оттука, останува отворено прашањето како ќе се постави независната судијка во однос на конзервативната партија, која сега е на власт во Грција.

Изборот на Колинда Грабар-Китаровиќ и нејзината политика не влијаеја битно на релаксирање на политичките односи во Хрватска и посебно во подобрување на односите се соседите. Нејзиниот мандат почна со отстранување на бистата на Тито од претседателската вила во Загреб, а тогашниот премиер Зоран Милановиќ одби да ѝ ја честита победата. Таквата ладна комуникација со опозицијата продолжи за целиот мандат на Грабар-Китаровиќ. Таа секогаш беше под притисок од десноориентираното гласачко тело и од Католичката црква, и така ги градеше своите политики. Колинда не успеа да воспостави поблиска соработка со Србија. Познати се и нејзините изјави дека „Хрватска е секаде каде што живеат Хрватите“, притоа споменувајќки и места од Босна и Херцеговина. Говореше дека првиот претседател на Хрватска Фрањо Туѓман е нејзин политички идол, односно „учител чија доктрина на помирување и единство на хрватскиот народ е нешто за што гордо е посветена“. Во претседателската кампања таа често користеше националистичка реторика, што на крајот ја чинеше пораз на претседателските избори од Зоран Милановиќ.

– Избирачкото тело во вториот круг жестоко ја казни Колинда поради макијавелизмот, кокетирањето со крајната десница и приближување со луѓето осудени за тероризам. Беше на самиот раб да излезе од уставните рамки и од тоа што е подносливо за демократското општество – изјави аналитичарот Давор Генеро.

Мотивите за изборот на Ана Брнабиќ за прва премиерка во Србија, сѐ повеќе е одраз на политичка тактика на Александар Вучиќ. Тој по преземањето на претседателската функција на Србија сакаше да ја придобие меѓународната заедница, а во исто време и да ги спречи поделбите во Српската напредна партија, околу преземање на лидерската позиција. Давањето на премиерската палка на Брнабиќ предизвика остри реакции од опозицијата. Коалицискиот партнер на Вучиќ и Дачиќ, Драган Марковиќ-Палма, лидерот на Единствена Србија, меѓу првите порача дека „Ана Брнабиќ не е негова премиерка“. Марковиќ претходно изјави дека на чело на Владата треба да биде „домаќин, кој има семејство, а е почитуван во целиот свет“. Шефицата на пратеничката група Нова Србија – движење за спас на Србија, Сандра Рашковиќ Ивиќ, изборот на Брнабиќ го нарече „капитулација на претседателот на Србија Александар Вучиќ пред Вашингтон“.

Ана Брнабиќ, во својот премиерски мандат, не успеа да излезе од сенката од политичкиот ментор Вучиќ, иако таа вели дека „со него немаат секогаш исто мислење“. Српските медиуми пишуваа дека Брнабиќ би можела да го замени и на лидерската позиција на партијата, за што јавно изрази и подготвеност да се зачлени во СНС!?

– Ако сте паметен, ќе гледате, ќе слушате и ќе учите од него. Посебно во политиката нема подобар учител на светот од Александар Вучиќ. Јас не познавам некој што е толку посветен на Србија и на СНС. Се прашувам дали без таков вид лидерство можеме да продолжиме со истиот интензитет – изјави Брнабиќ.

Инаку, во светски рамки учеството на жените во високата политика е одамна востановена практика. Во таа насока може да се посочат примерите со Хилари Клинтон, која извршуваше високи функции во САД, канцеларката Ангела Меркел, поранешната премиерка на Британија Тереза Меј и најновото именување на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.


Екатерини Сакеларопулу

Судијка без партиски профил

Екатерини Сакеларопулу студирала право во Атина и во 1981 година станала дел од највисокиот суд во земјата. Стручната јавност за неа говори дека таа постојано била ориентирана кон спогодување, а не кон конфронтација. А, токму ваквиот став е особено важен за функцијата претседател. Сакеларопулу е успешна правничка, одговорна за важни одлуки во Врховниот административен суд. Според атинскиот весник „Катимерини“, новата претседателка важи за силна и екстровертна личност, која се интересира за уметност и култура. Сите поранешни претседатели имаат едно заедничко – сите беа искусни политичари и дел од политичкиот естаблишмент. Tаа нема дефиниран партиски профил. Нејасно е како таа ќе дејствува како претседателка на Грција, особено во однос на конзервативната партија, која ја номинира за функцијата.


Ана Брнабиќ

Спој на либералното и конзервативното

Ана Брнабиќ стана министерка за државна управа и локална самоуправа како непартиски кандидат во август 2016 година. Во 2017 година српскиот претседател Александар Вучиќ ја именува на местото премиер. Таа е прва жена и прва што ѝ припаѓа на ЛГБТ-заедницата, на толку висока функција во Србија.
Брнабиќ има потекло од Хрватска, родена е во 1975 година во Белград. Токму поради тоа на нејзиното именување за идна премиерка се противи Српската православна црква. По средното образование заминува во САД, на Универзитет во Мичиген, каде што завршува студии за деловна администрација. Во Лондон работела на одржување контакти и интеракција меѓу реформистичките настроени партии во Србија со цивилните медиуми во Велика Британија.


Колинда Грабар-Китаровиќ

Експретседателка со стаж и од НАТО

Колинда Грабар-Китаровиќ, пред пет години, стана првата претседателка во историјата на Хрватска со 50,74 отсто гласови, освојувајќи тесна победа над противкандидатот Иво Јосиповиќ.
Потекнува од селско семејство, а нејзиниот татко бил месар и поседувал фарма со крави. Како средношколка заминува во САД преку програмите за размена на ученици. По враќањето во Хрватска, почнува нејзината брза кариера во Министерството за надворешни работи, каде што ја донел поранешниот премиер Иво Санадер. Тој ја ценел поради нејзината послушност и работливост. Грабар-Китаровиќ работела во НАТО од 2011 година, каде што му била помошничка за јавна дипломатија на главниот секретар Андерс Фог Расмусен.


Македонските политичарки сè уште во сенка

Македонија сѐ уште не е зафатена од „феминистичкиот“ тренд за преземање на трите важни државни функции: премиер, претседател на Собрание или шеф на држава. Последниот посериозен, но неуспешен обид, беше со кандидирањето на Гордана Сиљановска за претседател на државата, која не успеа да собере повеќе гласови од актуелниот претседател Стево Пендаровски. Неуспешна беше и Радмила Шекеринска, која од позициите на партиски лидер на СДСМ, атакуваше на премиерската функција, но не успеа да ја стекне довербата на гласачите, кои беа понаклонети кон тогашниот премиер Никола Груевски. Радмила Шекеринска во 2004 година двапати по две седмици беше вршител на должноста претседател на Владата. Највисоко скалило до кое се искачија жените во функционерската хиерархија се министерки за внатрешни работи и за одбрана, позиции што до пред неколку години се сметаа за важни места за кои беа „предодредени“ кандидати од посилниот пол.
Причините за недоволната застапеност на жените во политиката во Македонија се различни: политичката култура на земјата и менталитетот, мотивацијата на жените да се кандидираат, организацијата, силата на женските движења, избирачкиот систем, постоењето квоти, социоекономските причини, здравствениот систем, посочуваат од организациите за еднаква родова застапеност во Македонија.