Постројување во функција на зајакнување на политичката моќ на Милорад Додик

Формирањето на жандармеријата на Република Српска е покритие за неуспехот да се создаде резервен состав на полицијата во овој српски ентитет

Формирањето на жандармеријата на Република Српска дополнително ги наруши политичките и етничките односи меѓу различните ентитети во Босна и Херцеговина. Свеченото постројување на новата полициска единица во Бања Лука, за припадниците на другите етнички заедници, претставува нова провокација на српскиот лидер Милорад Додик. Но има и спротивставени мислења дека на овој настан не треба да му се придава поголемо значење. Така, некои политички фактори во БиХ сметаат дека промоцијата на жандармеријата во РС е само покритие на тамошните власти, по неуспехот на планот за формирање резервен состав на полицијата во српскиот ентитет. Засега, меѓународната заедница е воздржана со реакциите.

– Постројувањето на жандармеријата во Република Српска е уште една провокација на Милорад Додик и тоа е исклучиво во дневнополитички цели – изјави Аљош Чампара, министерот за внатрешни работи на Федерацијата на Босна и Херцеговина.
Но министерот смета дека нема место за паника, затоа што пропаднал планот на Додик за воспоставување на резервниот состав на полицијата, кој воедно претставуваше безбедносна закана за БиХ.

– Ова е само обид власта во РС да му се претстави на своето избирачко тело, со оправдување дека немаат резервен состав, но, ете, сега ја имаат жандармеријата. Во рамките на самото министерство за внатрешни работи на РС ова суштински не значи ништо освен да послужи за подгревање на атмосферата – заклучува Чампара.
Според пратеникот од СДА, Един Рамиќ, жандармеријата е излезна стратегија, откако Република Српска под притисокот на меѓународната заедница мораше да отстапи од формирањето на резервниот состав на полицијата.

– Федерацијата треба да одговори на сличен начин. Ако Република Српска обучи еден полицаец, федерацијата треба да опреми и да обучи најмалку двајца. Единствено на овој начин ќе им се стави крај на провокациите од РС – вели Рамиќ за Н1.

Началникот на Заедничкиот стожер на оружените сили на БиХ, генерал-полковник Сенад Машовиќ, вели дека милитаризацијата е неспоива со демократската практика и нагласи дека воената формација со која тој раководи е единствената вооружена сила на државата БиХ и никој друг нема право да формира друга воена организација.

Парламентот на федерацијата од порано расправаше за иницијативата за формирање резервен полициски состав и беше констатирано дека може да се одговори на евентуалниот дисбаланс кога е во прашање бројот на полициските службеници и вооружувањето, без да се менува Законот за полиција, пишува порталот Блесок.
– Ние сме институционално одговорни за тоа прашање и федерацијата има одговор на сѐ што евентуално би ја загрозило сигурноста на граѓаните – вели Алма Кратина, пратеничка од ДФ.

Пратеникот Дамир Машиќ забележува дека власта во Република Српска има потреба да ѕвечка со оружје и да дејствува еднострано, а некои од експертите за безбедност во БиХ се на мислење дека постројувањето на жандармеријата во РС не е вредно за коментар.

За разлика од нив, новинарот од Бања Лука Слободан Васковиќ предупредува во случај меѓународната заедница да не реагира, жандармеријата на РС ќе се претвори во оружени сили на РС.

– Оваа единица се пополнува од редовите на партијата на Милорад Додик. Целта во првата фаза е таа да има илјада припадници, а овој број ќе расте. Тие веќе добија посебно оружје, борбени возила, а хеликоптерите од руските повеќенаменски „ансати“ се во фаза на набавка и ќе бидат опремени со лесно артилериско оружје – вели Васковиќ.

Амбасадата на САД во БиХ соопшти дека внимателно ќе го следи однесувањето на жандармеријата на ентитетот РС и на сите други полициски структури во БиХ, со намера да се обезбеди тие да дејствуваат конзистентно и во согласност со поставените цели. Телевизијата Н1 доби сличен одговор и од делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, која ќе го следи развојот на настаните во областа на владеењето на правото, вклучувајќи го и функционирањето на жандармеријата на РС.