ЕУ ја потврдува јасната подршка на европската перспектива на Западниот Балкан, а европскиот пат ќе зависи од поставените критериуми и од одделните заслуги, се наведува во предлог текстот на завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, чии делови објави српската државна телевиизја РТС.

Во текстот се наведува подготвеноста на ЕУ за „засилување на ангажманот на сите нивоа со цел политичка, економска и социјална трансформација на регионот, вклучувајќи и зголемена финансиска и техничка помош, во зависност од напредокот на партнерите од Балканот во владеењето на правото“.

За возврат, ЕУ очекува од своите партнери од Западен Балкан да „потврдат дека европската перспектива е нивни цврст стратешки избор на кој ќе работат засилено“, како и да „дадат приоритет на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите и малцинските права“.

Со Заедничката декларација претставниците на земјите од Западен Балкан треба да се обврзаат на „зајакнување на добрососедските односи и регионалната стабилност и соработка, што особено вклучува изнаоѓање на крајно и обврзувачко решение за билатералните спорови наследени од минатото“.

Во нацртот на заедничката декларација од 13 точки, поголемиот дел од текстот е посветен на иницијативите за зајакнување на врските во регионот, како и на односите на Балканот со ЕУ. Ова, пред се, се однесува за инфраструктурни проекти во областите на транспорт, енергетиката, дигиталната економија и врските меѓу луѓето.

Во документот се говори и за заедничките предизвици и за зајакнатата соработка во областа на безбедноста, стопирањето на илегалната миграција и борбата против тероризмот, екстремизмот и радикализацијата.

– Партнерите во регионот, во соработка со ЕУ и меѓусебно, ќе преземат решителна акција во борбата против трговијата со луѓе и шверцот на дрога и оружјето, се наведува во декларацијата.

Бугарија, во својство на претседавач со ЕУ и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, се залагаат за усвојување на заедничката декларација на 28-те лидери на земјите членки на Унијата и партнерите од Западен Балкан на самитот во Софија, но ваквата идеја, како што наведува РТС, е доведена во прашање поради противењето на Шпанија, Романија и Кипар да потпишат документ заедно со Приштина. Според РТС; неизвесно е и учеството на самитот на овие три земји, бидејќи не ја признаваат независноста на Косово.

Текстот на резолуцијата земјите членки на ЕУ треба да го усогласат до 11 април, по што ќе им биде доставен на балканските земји.

Самитот во Софија е закажан за 17 мај.