Европската унија (ЕУ) ќе му даде на секој мигрант кој е сместен во веќе преполните кампови на грчките острови по 2.000 евра за да се врати во матичната земја, објави комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, во Атина, по договор со грчката влада.

Таа рече дека опцијата е привремена, ќе трае само еден месец и се однесува за мигрантите кои дошле во Грција пред 1 јануари.

Таа наведе дека скоро 5.000 мигранти ги исполнуваат условите за „доброволно враќање“, јави Би-Би-Си.

Стотици мигранти и бегалци овој месец со брод стигнаа до грчките острови во близина на Турција, зголемувајќи го притисокот врз центрите за прием. Во камповите веќе има повеќе од 37.000 мигранти , иако можат да примат само 6.000.

Јохансон рече дека седум земји-членки на ЕУ се согласиле да прифатат најмалку 1.600 деца без придружба, за кои се смета дека се особено ранливи.