Земјите-членки на ЕУ се согласија за текстот на заклучоците со кои се потврдува дека Хрватска ги исполнува сите услови за спроведување на правото на Шенген, што го отвора патот за конечна одлука за влез во зоната без контроли на внатрешните граници на Унијата.

Договорениот текст на заклучоците беше формално усвоен од министрите за внатрешни работи на земјите-членки без дискусија.

Вчера на состанокот на Комитетот на постојаните претставници, Холандија и Шведска имаа процедурални резерви бидејќи нивните претставници чекаа консултации со соодветните комисии во нивните парламенти, а заклучоците не можеа да се донесат без согласност на сите членови. Зеленото светло пристигна денеска, кога министрите за внатрешни работи се собраа во Брисел и официјално да го потврдат.

„Хрватска ги исполни сите неопходни услови за имплементација на сите делови од шенгенското право“, се вели во текстот на договорените заклучоци. Ова создаде предуслови Советот да донесе одлука во согласност со член 4 (2) од Договорот за пристапување на Хрватска, кој дозволува укинување на контролите на внатрешните граници.

„Во поглед на пристапувањето на Хрватска во Шенген, земјата е повикана да продолжи доследно да ги спроведува правата и обврските“, се вели во заклучоците.

Овие заклучоци се процедурално неопходен услов за донесување одлука за влез во Шенген зоната и отстранување на граничните контроли на хрватската копнена граница со Словенија и Унгарија, како и на аеродромите и поморските пристаништа.

Конечната одлука за пристапување во Шенген би можела да биде донесена за околу шест месеци за време на француското претседателство, а потребна е согласност од сите земји од Шенген. Советот треба да побара и мислење од Европскиот парламент, што може, но и не мора да го следи.