Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини денеска оценија дека ЕУ е фокусирана и ангажирана на зајакнување на владеењето на правото и демократијата во земјите од Западен Балкан.

Изјавите на двајцата високи претставници на ЕУ претставуваат реакција на тврдењето на некои албански медиуми дека Брисел го толерира назадувањето во владеењето на правото и почитувањето на принципите на демократијата во земјите од Западен Балкан, во интерес на стабилноста на регионот.

– Ќе сторам се за да го одбранам правото на изразување и на протестирање и искажувањето на загриженост и на поинакви ставови, но ја осудувам секоја форма на насилство – порача Хан.

Тој нагласи дека ЕУ го поддржува зајакнувањето на демократијата на Западниот Балкан, првенствено преку јакнење на демократските структури и стабилноста, но дека Унијата не е судија што треба да решава кој е добар, а кој не.

– Оние кои од нас бараат да обезбедиме владеење на правото, се истите оние кои веруваат дека ние можеме да влеземе како воена сила и да ја исфрлиме актуелната власт и да ја замениме со друга. Тоа не е начин на разбирање на владеењето на правото, демократијата и транспарентноста – додаде Хан.

Според него, политичките промени мора да се базираат на демократски процеси и избори што би биле слободни, фер, независни и транспарентни.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Могерини изјави дека не е загрижена поради обвинувањата дека Брисел не реагира на кршењето на принципите на владеење на правото во земјите од Западен Балкан.

– ЕУ е посебно фокусирана на борба против корупцијата, почитување на владеењето на правото и создавање соодветна клима за цивилното општество во сите земји, а посебно во западнобалканскиот регион. Не постои ништо поради што би можеле да не обвинат во таа сфера – оцени Могерини.

Според неа, ЕУ многу почесто е обвинувана дека е премногу строга кога се во прашање почитувањето на принципите на владеење на правоти и демократијата.

– Тоа го правиме не само затоа што веруваме во тие вредности и принципи, туку затоа што знаеме дека единствен начин за стабилизација на институциите и општествата е инвестирање во целосно ангажирање на цивилното општество и целосна примена на владеењето на правото – порача Могерини.

Шефицата на дипломатијата на ЕУ Могерини дополнително потенцираше дека за лидерите на Западен Балкан постојат две опции – да си постават високи цели или да не направат ништо.

– Ако сте политички лидер во компликувана земја и компликуван регион можете да изберете високи цели и да постигнете најдобро за својот народ и земја или да одлучите да чекате да дојдат подобри времиња – истакна Могерини.

Таа после состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Македонија ги повика сите земји од регионот на Западен Балкан да најдат инспирација во договорот меѓу Атина и Скопје.

– Тие избраа храбра визионерска улога на лидери што донесе историски резултат. Верувам дека тоа треба да биде инспирација за сите – рече Могерини.

На прашање од новинар на Танјуг за консултациите на ЕУ со меѓународната заедница за процесот за повторно придвижување и можна финализација на дијалогот меѓу Белград и Приштина, високата претставничка на ЕУ рече дека меѓународната заедница одблиску ги следи случувањата во регионот.

– Во меѓународната заедница и Советот за безбедност постои целосно признание за работата што ја направивме со Северна Македонија и Грција, како и целосно очекување дека тоа може да биде инспирација за останатиот дел од регионот – порача Могерини.