Фото: Архива

Европската комисија го продолжи рокот за земјите од Западен Балкан на листата на епидемиолошко „небезбедни земји“, а во исто време нејзините членки од регионот го олеснуваат патувањето за граѓаните од нивното соседство

Земјите од Западен Балкан сѐ уште се на списокот на небезбедни земји, кој го прави Европската комисија според епидемиолошката состојба и бројот на вакцинирани лица. Последните денови во сите земји од регионот има намалување на бројот на новозаболени лица од коронавирусот, но и се зголемува бројот на вакцинирани, но тоа не беше доволно за олеснување на режимот за влез во ЕУ. Граѓаните на Западен Балкан се изолирани повеќе од една година, а новата одлука се однесува на наредните две недели, кога повторно ќе се проценува „здравствениот ризик“ од Балканот. И покрај тоа што последните епидемиолошки податоци покажуваат оти земјите во регионот ги исполнуваат основните критериуми предложени од ЕК како услов за ставање на листата на безбедни земји.
– Не сакаме да создадеме ситуација во која граѓаните на Западен Балкан ќе бидат третирани полошо отколку што дозволува здравствената состојба во регионот. Но ЕУ не сака на кој било начин да го загрози напредокот што е постигнат во борбата против пандемијата и сето тоа со цел да се ослободи од сите ограничувања и да им се овозможи на сите можност да патуваат – изјави портпаролот на Комисијата, Аделбер Јанц, пренесува „Танјуг“.

Советот на ЕУ ја зема предвид целата листа на критериуми, не само вкупниот број на случаи по жител туку и трендовите на нови случаи, бројот на тестови, процентот на позитивни тестови и вкупниот одговор на ковид-19. Тоа е повеќе глобално, а не чисто нумеричко оценување, што е целосно во рацете на земјите-членки, објаснува Јанц.
Тој потсетува дека Комисијата им препорача на земјите-членки да дозволат патување во ЕУ за сите патници што примиле вакцини одобрени од ЕМА и дека веќе е овозможено патувањето на голем број граѓани од Западен Балкан.
– Ние не ја доведуваме во прашање нашата посветеност кон Западен Балкан, особено кога станува збор за безвизното патување. Ние само се обидуваме да ја потиснеме пандемијата, која продолжува да се заканува и покрај напредокот во здравствената заштита и вакцинацијата – вели Јанц.
За разлика од рестриктивниот однос на ЕУ, нејзините земји-членки што граничат со Западен Балкан воведуваат олеснувања за патувањата на граѓаните од соседните земји. Владата на Словенија симна од црвената листа неколку земји. Во оваа група се: Србија, БиХ, Црна Гора, Германија и Чешка. Ова значи дека патувањето во Словенија од овие земји ќе биде олеснето. Претходно лицата од земјите што беа на црвената листа мораа да поминат во 10-дневен карантин, кој можеше да биде намален на пет дена со приложување негативен ПЦР-тест. За влегување во Словенија и натаму е потребен ПЦР-тест или антигенски тест (направен во државите-членки на ЕУ), не постар од 48 дена, доказ за целосна имунизација против коронавирусот или доказ за прележана инфекција.
Пред летната сезона и Хрватска почна со нови олеснителни прописи за сите хрватски државјани што се вакцинирани во Србија. Тие ќе можат да добијат од Хрватскиот завод за јавно здравје потврди за вакцинација. Во исто време се олеснуваат и протоколите за работа на деловните субјекти, односно продолжено е работното време за кафулињата до 24 часот. Сите што влегуваат во просторот на шенген можат слободно да влезат истиот ден кога ќе ја примат и втората доза на вакцина, а не како досега да чекаат 14 дена.

Од денеска во Грција стапуваат во сила нови мерки, кои значат скратување на ноќниот полициски час и ќе се дозволи музика во отворените делови на локалите. Полицискиот час ќе трае од 1 и 30 до пет часот наутро.
Бидејќи епидемијата полека се смирува, мерките за превенција за ширење на коронавирусот полека се олеснуваат во Грција.
– Постепено ќе ги олесниме мерките во следните недели – рече Никос Хардалиас од Министерството за цивилна заштита, додавајќи дека полицискиот час, најверојатно, ќе биде целосно укинат од почетокот на јули.