Министрите за надворешни работи на ЕУ на следниот состанок закажан за 10 мај со физичко присуство како тема ќе го имаат Западен Балкан, а Советот на ЕУ нагласува дека ситуацијата во регионот бара физичко присуство и искрена и отворена дебата на министрите на ЕУ, пренесуваат медиумите во регионот.

– Ситуацијата на Западен Балкан се менува во различни насоки, не сите се позитивни и затоа мора да имаме добра дебата во живо – рече официјалниот претставник на ЕУ.

Во пресрет на видеоконференцијата на Советот на ЕУ, што ќе се одржи на 19 април, во Брисел, тие потенцираат дека дебатата за Западен Балкан е избришана од агендата на состанокот исклучително поради техничките промени за одржување на самиот состанок кој првично бил планиран да се одржи со физичко присуство на сите министри во Луксембург.

– Западен Балкан бара искрен и отворен разговор меѓу министрите, во консултација со Мирослав Лајчак. Од Косово, преку БиХ до проширувањето, имаме голем број важни прашања и затоа има потреба оваа дебата да се одржи во живо – констатирале во Брисел.

Се додава дека Западен Балкан е веројатно „првата точка на агендата на шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел“.

– Тој го потенцираше тоа на почетокот на неговиот мандат, и тоа сè уште е случај – заклучи официјалниот претставник на ЕУ.

Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за ситуацијата во Украина, Грузија, Етиопија, Индија и Мјанмар на видео конференција на 19 април, пишуваат медиумите.