Европската Унија (ЕУ) се закани со сакнции за Турција доколку продолжи, како што велат, со нелегалното ископување на природен гас во близина на Кипар на истокот oд Средоземното Море, пренесува Би-би-си.

Предупредувањето доаѓа од самитот на ЕУ во Брисел, а претседатлот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер, рече дека чекорите кои ги презема Турција се „комплетно неприфатливи“.

Турција вчера испрати втор брод за ископување на природен гас и нафта во близина на Кипар, земја членка на ЕУ. Од друга страна, северниот дел на островот кој сака независност е близок до Турција.

Европскиот совет (ЕС) ја повика Турција да покаже воздржаност, почит кон суверенитетот на Кипар и да ги прекине ископувањата.

Самопрогласената турска Република на Северен Кипар е признаена само од Турција, и е меѓународно изолирана. Турција рече дека ископувањето е во согласност на меѓународното право.

Турција е земја-кандидат за членство во ЕУ, но преговорите во моментов се целосно замрзнати. ЕК рече дека владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган не ги почитувала ветувањата се подобрување на правниот систем и владеењето на правото.

Земјата е клучен НАТО-партнер за западот, има силни трговски врски со ЕУ и моментално не е под сакнции од блокот.