Бугарија се наоѓа во неизвесна политичка ситуација по парламентарните избори одржани во неделата, откако ниту една од партиите не е во можност да формира стабилна коалиција. Но јасно е дека Бојко Борисов, кој 12 години владееше со државата, нема да се врати на власт, бидејќи ниедна партија не изрази подготвеност да коалицира со неговата ГЕРБ. Тоа само по себе претставува доволна причина радост на Бугарите и на Европејците, пишува „Фајненшл тајмс“, истакнувајќи дека „ЕУ предолго ја толерираше корупцијата во нејзината најсиромашна членка“.

– Борисов владееше во период на корупција, за време на кој Бугарија стана „дамка“ врз репутацијата на ЕУ во поглед на владеењето на правото, ставајќи ја во друштво со автократските Унгарија и Полска. Нескротливата корупција и злоупотреба на фондовите на ЕУ го кочеа развојот на најсиромашната држава во европскиот блок. Тоа се причините за спречување на економскиот развој, што може да се забележи и според растечката разлика со соседната Романија – наведува британскиот весник.

Корупцијата исто така сврте многумина Бугари против демократскиот процес. Забележаните примери во кои политичарите од спротивставените партии соработуваат меѓусебе за да стекнат корист, создадоа сомнеж кај многумина Бугари, што можеше да се  забележи и според кампањата за вакцинација во Бугарија, која е на најниско ниво во ЕУ, како што тврди „Економист“.

Срамота на ЕУ претставува „мижењето“ на Брисел во врска со несоодветеното трошење на парите на европските даночни обврзници, злоупотребата на судските овластувања и клиентелистичките практики за време на перидот што Борисов го помина на власт. Борисов успеваше да се извлече со ваквите постапки бидејќи избегнуваше да создава неволји за неговите европски партнери.

Сега е ред на Слави Трифонов да се обиде да оформи влада, откако неговата партија „Има таков народ“ освои околу 24 отсто од гласовите. Бугарската фрагментирана и поларизирана политика значи нестабилност, а веројатно и нови избори. Но, можеби е можна „почиста“ влада, заклучува „Фајненшл тајмс“.


„Има таков народ“ е победник на изборите во Бугарија

Според конечните резултати по изборите во Бугарија, партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов е победник со 24,08 од гласовите.

Зад него е ГЕРБ на Бојко Борисов со 23,51 отсто.

Понатаму, БСП освои 13,39 проценти, „Демократска Бугарија“ – 12,64, Движење за права и слободи (ДПС) – 10,71 отсто, коалицијата „Исправи се! Мафијата надвор!“ – 5,01 проценти, објави Централната изборна комисија.

На гласањето во странство, партијата „Има таков народ“ освои најмногу гласови – 35,64 проценти, а потоа следува „Демократска Бугарија“ со 18,64 проценти.

Централната изборна комисија се очекува најдоцна до утре да објави распределба на местата во 46-то Национално собрание на Бугарија.