Државите-членки на Европската Унија дадоа зелено светло за одвојување 14,2 милијарди евра за претпристапната финансиска помош за периодот 2021-2021, во корист на процесот за проширување, во кој влегуваат и земјите од Западен Балкан. Оваа помош ќе им помогне на корисниците во спроведување на реформите на идните членки, соопштија од седиштето на Унијата.
Корисници на овие средства се: Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија и Турција. Финансиската помош нема да биде безусловна, а таа ќе се разликува по обемот и интензитетот на постигнатото во земјите-кандидати. Посебно внимание ќе биде посветено на напорите за спроведување на реформските области: владеење на правото, основни права, демократски институции, реформа на јавната управа, како и економски развој и конкурентност. При доделување на средствата ќе се земат предвид и потребите и капацитетите на земјите, за да се избегне несразмерено ниско ниво на помош во однос на други земји. При назадување на процесот на реформи, можно е да се намалат и приливите на средствата и пренасочување во други намени, во кои е вклучена и поддршката на цивилното општество, пренесува Радио Слободна Европа.