Лидерите на ЕУ денеска им повторија на земјите од Западен Балкан дека местото им е во Унијата и дека ја разбираат фрустрацијата од бавниот процес за проширување, но повторно го изоставија временскиот рок за нивно влегување во блокот.

„ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“, се вели во декларацијата.

Исто така, во неа се споменува „посветеност кон процесот на проширување“, но нема временска рамка за тоа кога овие земји би влегле во ЕУ.

Словенија, која претседава со Советот на ЕУ, сакаше декларацијата да ја вклучи 2030 година како краен рок за зачленување на Западен Балкан во ЕУ, но иницијативата не била прифатена како реална опција, бидејќи според европските лидери, земјите од југоисточна Европа не напредуваат со исто темпо.

„Не поддржав да им се даде фиксен датум на земјите од Западен Балкан за нивно пристапување во Европската унија“, рече германската канцеларка Ангела Меркел на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ.

„Навистина не верувам во одредување датуми, но верувам во исполнување на нашите ветувања. Откако ќе се исполнат условите, пристапувањето може да се реализира“, им рече Меркел на новинарите по завршувањето на самитот, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Некои членки на ЕУ, вклучувајќи ги Хрватска, Словенија и Австрија, предупредиле дека поради недоволната посветеност на ЕУ, југоисточна Европа може да потпадне под влијание на Русија и Кина, додека другата страна, предводена од Франција, во принцип е за проширување на Унијата, но без амбиција процесот да се забрза.

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, повтори дека ЕУ и Западен Балкан имаат иста историја, интереси и вредности, а како што рече, се надева и судбина.

„ЕУ не е комплетна без Западен Балкан. (…) Без сомнение, нашата цел е проширување“, истакна таа.

Исто така порача дека ја разбира фрустрацијата на земјите поради бавниот напредок кон членство во ЕУ и дека отсуството на одлука за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија го поткопува кредибилитетот на ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека присуството на ЕУ мора да биде поопипливо и видливо на Балканот и дека ЕУ расправа за нејзиниот капацитет да прими нови членки.

ЕУ најави помош од околу 30 милијарди евра за Западен Балкан, дел за економско закрепнување, а дел за инвестиции.