Фрустрираните баратели на азил запалија пожари во знак на протест поради воведниот карантин кој ги влоши условите во кампот Морија на грчкиот остров Лезбос. Сега 12 илјади мигранти се на улица, пренесува „Њујорк тајмс“

Илјадниците баратели на азил сместени во најголемиот бегалски камп во Европа на грчкиот остров Лезбос, со години живееја во бедни услови, соочувајќи се со бројни одлагања на решенијата за нивната судбина. А потоа изби коронавирусот и се соочија со строгите мерки што дополнително ја зголеми нивната мизерија, пишува „Њујорк тајмс“.

Комбинацијата се покажа како експлозивна, доведувајќи го незадоволството до критична точка, кога кампот го зафати пожар по палењето оган во знак на протест поради воведениот карантин. Тоа беше очајнички чин кој ги предизвика европските лидери да најдат решение за мигрантската криза.

За два дена избија три пожари во Морија, уништувајќи го и последниот дел од кампот. Тоа ги остави 12-те илјади жители на Морија на отворено, на локалните гробишта и покрај патиштата.

Уништувањето на кампот подзамисли дел од европските лидери кои и во минатото беа обвинети дека не прават доволно за да го ублажат страдањето во камповите како што е Морија. Францускиот претседател Емануел Макрон вчера истакна дека неговата влада соработува со Германија да примат дел од мигрантите од Морија.

Грчките власти и локалните организациидопрва треба да ги утврдат плановите за вдомување на повеќето од жителите од кампот. Разговорите наидоа на пречка во незадоволството на дел од локалното население поради присуството на мигрантите.

Згора, се појави страв за можно ширење на коронавирусот меѓу илјадниците мигранти низ полињата и патиштата околу Морија, со што владиниот портпарол Стелиос Пецас соопшти дека не е познато каде се наоѓаат 35 жители на Морија кои се позитивни на ковид-19.

Морија стана синоним за европскиот пристап кон мигрантите во 2015 година кога таму привремено беа примени голем дел од 850-те илјади главно сириски и авганистански бегалци, кои допатуваа од Турција до грчките острови. Тогаш мигрантите транзитираа низ Грција, но пристапот на слободно движење беше сменет во 2016 година кога остатокот од Европа ги затвори границите за бегалците. со рција мораше да ги задржи мигрантите.

Предвиден за 3.000 луѓе, кампот набргу стана пренаселен кога бројот на жители надмина 20.000. Тогаш се влошија и условите, со ограничениот пристап до здравствена нега и редиците за храна. А се создадоа и тензии во кампот, како и помеѓу бегалците и локалното население.

– Зголемените фрустрации меѓу илјадниците мигранти заглавени во кампот, ја претворија Морија во срамот на Европа. Станува збор за тажна сага на политички одлуки, лажни ветувања, правни превирања и гнев кон барателите на азил и мигрантите по нивното доаѓање во ЕУ во 2015 година. Нивното доаѓање ги поттикна и популистичките и десничарските движења чии антимигрантски ставови навлегоа во традиционалните политички кругови – пишува американскиот весник.

Европската комисија тогаш се обиде да изврши промени врз политиките за азил во ЕУ, но наиде на отпор од страна на дел од членките, а изјавите на солидарност и одбрана на европските вредности станаа бесмислени.

Денес, по годините на занемарување на катастрофата во кампот, ЕУ не само што го запостави кампот, туку и сите аспекти на човечноста за кои вели дека се залага, заклучува „Њујорк тајмс“.