Делегацијата на ЕУ во Тирана, во име на амбасадорите на земјите членки на Унијата, и Амбасадата на САД го осудија насилството на денешните антивладни протести и апелираат „страните да се воздржат од насилство“.

– Делегацијата на Европската унија, заедно со сите амбасади на Унијата акредитирани во Тирана, ги повикува страните да се вратат на мирот и да се откажат од актите на насилство. Правото на граѓаните да протестираат поради нивното незадоволство треба да биде на мирен начин, како што тоа го гарантираат демократските институции. Уште еднаш го повторуваме апелот страните да се дистанцираат од насилство – стои во реакцијата на Делегацијата на Европската унија.

Со идентичен став се јави и амбасадата на САД во Тирана, која го осуди секој чин на насилство.

– Амбасада на САД остро го осудува насилството и уништувањето на државнот имот што се случи за време на денешниот протест во Тирана. Ние го поддржуваме правото на граѓаните на мирен протест, но уништувањето на јавниот имот и насилството не се прифатливи. Ги охрабруваме сите страни да покажат воздржаност и да го вратат мирот. Ги повикуваме сите политички партии да ги осудат овие акти и да ги преземат сите неопходни чекори за да гарантираат дека ситуацијата ќе остане мирна и конструктивна – стои во реакцијата на амерканската амбасада.

Претходно амбасадорот на Велика Британија во Тирана, Данкан Норман, исто така, реагираше и ги повика учесниците мирно да протестираат и да се дистанцираат од секаков чин на насилство.