Европската унија побара од косовските власти итно да ја објаснат одлуката за зголемување на даноците од 10 отсто за увозни стоки од Србија и од БиХ и очекува Приштина тие мерки да ги прекине.

– Таква одлука поткопува регионална соработка и не е во согласност со принципите на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Косово, изјави портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчиќ.

Во соопштение таа наведува дека ЕУ бара итно разјаснување на денешната „неочекувана одлука на косовската влада“ врз основа на која за 10 отсто се зголемува данокот на стоки, кои на Косово се увезуваат од Србија и од БиХ.

– Таа одлука е јасно кршење на косовските обврски во ЦЕФТА. ЕУ очекува од Косово во целост да ја усогласи со своите обврски и да ја поништи таа мерка, изјави Коцијанчиќ.