Засега нема официјална одлука од компанијата „Газпром“ за дефинитивната траса на овој гасовод, пишуваат бугарските медиуми

Еуфоријата околу опцијата вториот крак на гасоводот Турски тек да помине низ Бугарија е избрзана и политички инспирирана. Ова беше речено од страна на експертот за енергетика, Илијан Василев, поранешен амбасадор на Бугарија во Русија, на конференција на „Енергетската независност на Бугарија – важен фактор за зголемување на енергетската безбедност на Европската Унија“, организирана од Атлантскиот совет на Бугарија.

Засега нема официјална одлука од компанијата „Газпром“ за дефинитивната траса на овој гасовод, а информациите за вклучувањето на Бугарија во маршрутата беше спомената само во текст на рускиот весник „Комерсант“. Според податоците објавени во весникот, руската страна планира во Бугарија да помине целиот планиран обем од гасот за Европа, што значи дека ќе се користи полниот капацитет за пренос на гас од почетната до крајната дестинација. Под тоа се подразбира дека оваа траса ќе биде блокирана за други доставувачи, што е во спротивставеност со европските барања за диверзификација на изворите на гас. Покрај ова, во моментов нема втор крак. Засега Турски тек претставува само цевководот по дното на Црно Море, пишуваат бугарските медиуми.

Според зборовите на експертот Василев, реализацијата на проектот би била против интересите на земјата поради апсурдната арбитражна клаузула во договорот за транзит со „Газекспорт“. Тој посочи дека место за решавање на споровите е Арбитражниот суд на Московската трговско-индустриска комора.

Во емисијата „Бугарија наутро“ поранешниот конзул во Едрене, Георги Димов, истакна дека е рано за радување, бидејќи Бугарија сѐ уште очекува официјална понуда за изградба на гасоводот.

– Министерот за енергетика вели дека сме подготвени, но сѐ уште го очекуваме предлогот за тоа. ГЕРБ вели дека застанува на својата позиција за транзитирање на гасот. Од БСП рекоа дека ќе го поддржат овој проект, а „патриотските партии“ пак се разочараа. Немаме единствена позиција. Во средината на 1980-тите години беше изграден Син тек за рускиот гас кон Турција. Тогаш наши аналитичари велеа дека тоа не може да се случи. Овој проект се случи. Потоа се појави Јужен тек и тој не беше одобрен од нашите сојузници бидејќи беше целосно политички. За Турски тек ништо не е решено. Треба да ја проценуваме позицијата и на другите земји. Гасот не е само топлина и светлина – тоа е геополитичко оружје – истакнува Димов.