Повеќе словенечки спортски и естрадни ѕвезди се кандидираат за влез во новиот словенечки парламент на изборите што треба да се одржат на почетокот на јуни, а поранешниот актер и комичар Марјан Шарец има и партија со чија помош би можел да стигне до местото премиер.

Главниот естраден адут на кандидатската листа на Партијата на модерниот центар(ПМЦ) на премиерот Миро Церар е пејачот, пијанист и композитор Славко Иванчич.

Слично е и со ветеранот на словенечката музичка сцена Ладо Лесковар, кој во Љубљана на изборите на 3 јуни ќе собира гласови за Демократската партија на пензионерите(ДЕСУС) на Карл Ерјавец.

Во истата изборна единица во Љубљана за пратеничко место на листата на Левица(Л) ќе се бори актерката Виолета Томич(позната како поранешна водителка на квизот „Милионер“), како и актерот Саша Табакович, на листата на партијата на Церар.

На кандидатската листа на Словенечката демократска партија(СДП) на Јанез Јанша во борба за пратеничко место настапува оперската певица Аленка Готар, попозната како словенечка претставничка на Песна за Евровизија пред девет години. Противкандидат во истата изборна единица, но на листата на Социјалдемократите(СД), ќе и биде познатиот музички продуцент и музичар Горан Шарац.

Она што е посебно значајно за нас е дека Горан Шарац има македонски корени. Неговата мајка е од Велес, а тој зимоска е избран за потпретседател на македонското културно друштво.

Меѓу спортистите кои на коалициските листи ги поставуваат различни партии оваа година се најпопуларни кошаркарите, што е разбирливо со оглед на ланскиот успех на словенечката кошаркарска репрезентација која го освои Европското првенство.

За нов мандат се бори и поранешниот кошаркар Петер Вилфан, но со нова партија. Познатиот македонски кошаркар Владо Илиевски е всушност зет за ќерката на Вилфан, а со тоа и неговата кандидатура е интересна за Македонците што живеат во Словенија. По Позитивна Словенија(ПС) на минатите избори, овој пат Вилфан е кандидат на Демократската партија на пензионерите.

На кандидатската листа на партијата што ја предводи актуелниот министер за надворешни работи Карл Ерјавец, е и некогашниот кошаркар Саша Дончич, сега познат како татко на кошаркарската ѕвезда Лука Дончич.

За влијанието на спортската популарност врз гласачите е свесен и Маријан Шарец, кој како кандидат на својата Листа Маријан Шарец(ЛМШ) во една изборна единица го постави некогашниот капитен на словенечката кошаркарска репрезентација и тренер Душан Хауптман. Самиот Шарец по вокација е актер со диплома на љубљанскиот факултет за театар и филм, но во политиката е веќе низа години и му предвидуваат блескава политичка кариера.

Според некои предизборни анкети, неговата партија е една од фаворитите на овогодишните избори, заедно со Социјалдемократите на Дејан Жидан и Словенечката демократска партија на Јанез Јанша.

Доколку се остварат прогнозите на изборниот ден, Шарец би можел да стане еден од клучните играчи во постизборните комбинаторики, кога ќе стане збор за формирање на владејачка коалиција. Некои сметаат дека би можел да добие и мандат за состав на новата влада и така да им ги замрси конците на големите играчи, но постојат и многу шпекулации за тоа „кој навистина стои“ зад неговиот успех во анкетите и критика дека станува збор за загатка со која гласачите не би смееле да ризикуваат.