Габриел Ескобар

Стејт департментот сака да ги засили позициите во регионот

Белата куќа со именувањето на Габриел Ескобар за водач на балканскиот дипломатски тим се обидува да ја подобри позицијата на Вашинготн во регионот што беше ослабната по смената на Ричард Гренел, кој ги влечеше главните конци во Западен Балкан, а со тоа го ослаби влијанието на Метју Палмер

Актуелниот заменик-амбасадор на Соединетите Американски Држави во Србија, Габриел Ескобар, ќе го замени Метју Палмер на функцијата претставник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, која ќе ја преземе на 7 септември. На својата нова позиција, Ескобар ќе биде задолжен за решавање голем број прашања на Западен Балкан, како и за дијалогот меѓу Србија и Косово. Ескобар важи за добар познавач на балканските услови и е еден од десеттемина помлади дипломати на САД, кои по петтооктомвриските промени во Србија и падот на Слободан Милошевиќ, пристигнаа кај нашиот северен сосед и одржуваа врски со цивилното општество, но и со луѓето од високата политика.
Именувањето на Ескобар предизвика големо внимание во српските медиуми, кои ја пренесуваат оцената дека се очекува Белата куќа водена од Џо Бајден да води „енергична и проактивна улога на просторот на Балканот“.
– Габриел Ескобар одлично ги знае условите во Србија, но и на Западен Балкан. Секогаш бил во втор план, неекспониран во јавноста, но суштински ги извршуваше многу работи. Се занимавал со економски и со политички теми – вели еден од соговорниците на „Блиц“.

Белата куќа се обидува со кадровските смени во американскиот балкански тим да ја подобри позицијата на Вашингтон во регионот, што беше ослабната по смената на Ричард Гренел, кој беше во директна комуникација со поранешниот претседател Доналд Трамп, кој ги влечеше главните конци на Западен Балкан, а со тоа го ослаби влијанието на Метју Палмер.
– Со назначување на новиот тим за Европа, во кој е вклучен и Ескобар, Стејт департментот се обидува да го спречи сѐ посилното влијание на Кина, не само во Србија туку и во регионот. Ослабувањето на Кина ќе биде една од главните насоки во надворешнополитичкиот курс на САД. Можно е Америка да направи и одредени отстапки за Западен Балкан за да ја оствари поставената цел – вели неименуван дипломатски извор за „Данас“.
Новиот претставник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, како главна задача ќе има да го забрза дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој неколку месеци со медијаторство на Брисел се одвива на „техничко ниво“. Се очекува Ескобар да дејствува во координација со специјалниот претставник на Европската Унија, Мирослав Лајчак, кој за почетокот на септември го најави следниот состанок на претставници на Косово и на Србија.

Метју Палмер

Продолжувањето на дијалогот го потврди и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кој потсети дека српската страна ќе инсистира на формирање заедница на српските општини, како суштински дел на Бриселскиот договор. По изборот на новата косовска влада предводена од Албин Курти, дијалогот се врати неколку чекори назад. На првата средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер, кој се одржа во Брисел во јули, не беше постигнат никаков напредок.

По преземањето на новата функција, Габриел Ескобар го очекуваат и отворените прашања околу уставните промени во Босна и Херцеговина, кои подолго време се во застој и ги влошуваат меѓуетничките односи во земјата. Се очекува и поголем негов ангажман околу заживување на иницијативата за поголемо регионално поврзување на земјите од Западен Балкан, позната како „Отворен Балкан“, за која засега подготвеност изразија Албанија, Србија и Македонија. Како што е познато, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина изразија резерви околу пристапувањето на овој економски проект, зад кој силно застана и претходната администрација на САД под водството на Доналд Трамп. Вашингтон се залага и за побрза интеграција на регионот во ЕУ и затоа се очекува дополнителен ангажман и во надминување на бугарско-македонскиот спор околу историското толкување на минатото, што беше и повод за официјална Софија да го блокира почетокот на пристапните преговори со ЕУ.

За Габриел Ескобар велат дека е непристрасен дипломат, со богата дипломатска кариера. Две години, од август 2019 година, Ескобар беше заменик-амбасадор на САД во Белград. До доаѓањето на Ентони Годфри го раководеше американското дипломатско претставништво во Србија. Дипломатската кариера ја градел преку службувањето во Боливија, Пакистан, Ирак, а бил именуван и за заменик-шеф на мисијата во американската амбасада во Белград во август 2019 година. Во поранешна Југославија, од 1991 г. до 2001 г., бил шеф на кабинетот во Канцеларијата на високиот претставник во Бања Лука и заменик-шеф на дипломатскиот тим за врски во Подгорица, пишува Б92.