Американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска изјави дека САД ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, но веруваат дека оваа иницијатива нема да биде целосна без вклучување на сите шест економии од Западен Балкан.

Во онлајн обраќањето како дел од политичкиот панел на конференцијата „Отворен Балкан“ во српскиот парламент, Ескобар рече дека САД ги поддржуваат сите напори за интеграција на регионот, и на сите шест економии и интеграција во Европа.

„Овој регион го познавам долго време, и тоа е регион кој дава исклучителни можности, луѓето од Балканот направија многу за да го изградат моето општество и европското општество, а сега е време да го изградат своето општество, да работат за младите да останат и да работат за подобра иднина за своите земји“, рече Ескобар.

Ескобар посочува дека преку реализацијата на „Отворен Балкан“, Србија, Албанија, Северна Македонија ќе се соочат со многу предизвици, како што се контрола на границите по нивното отворање, подобра ефикасност на судовите, намалување на корупцијата, намалување на државната контрола врз економијата.

„Покрај тоа, важно е овие три земји што ја покренуваат иницијативата да бидат многу отворени и да разговараат тесно со другите три партнери кои се скептични. Без шест земји, оваа иницијатива не може да успее“, рече Ескобар.

Тој наведува дека без другите три економии нема да биде лесно да се обезбеди пренос на енергија и телекомуникации.

„Ние сме подготвени да ви помогнеме на тој пат, да направиме сè во согласност со меѓународните стандарди, да станеме партнери со Европа за да се осигураме дека овој регион ќе стане една од најважните економии во Европа“, рече Ескобар.