Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се заканува со откажување од бегалскиот договор со ЕУ. Причината лежи во внатрешната политика: во Анкара тонот кон бегалците станува сѐ посуров. Турција ни самата веќе не ги сака бегалците, објави „Дојче веле“.

Барањето на Ердоган се темели на т.н. Договор за бегалците од март 2016 година, со кој ЕУ ѝ вети на Турција исплата на шест милијарди евра во неколку години, заради згрижување на сириските бегалци. Според Европската комисија, досега се уплатени 2,4 милијарди евра, преостануваат уште 3,4 милијарди. Во силен контраст со грубите тонови од Анкара, во Европската комисија во Брисел се реагира опуштено: „Веруваме во продолжување на работата со нашиот турски партнер во добра меѓусебна доверба“, се вели во писменото соопштение за медиумите.

Кристијан Бракел, раководител на фондацијата „Хајнрих Бел“ во Истанбул, не верува дека Ердоган вистински ќе се откаже од договорот со ЕУ. За тоа едноставно има „малку подобри опции“, вели Бракел за „Дојче веле“. Експертот за Турција вистинските проблеми за односот кон бегалците во Турција ги гледа на друга страна. Во изминатите недели и месеци депортациите на бегалци од Турција во нивните матични земји рапидно пораснаа. Во случаи на бегалци од Граѓанската војна во Сирија, беа депортирани дури и луѓе од воените региони, како Идлиб.
– Европската Унија е на удар откако беше обвинета дека не си ги одржува ветувањата – вели претседателката на Европската комисија.

Таа додава дека ЕУ мора да се изјасни колкава сума пари ѝ е исплатена на Турција за поддршка на бегалците од Сирија.
Договорот помеѓу Турција и ЕУ од март 2016 година беше важен и комплексен, изјави Урсула фон дер Лејен.
Лејен вели дека ЕУ била подготвена да ги исплати оние 6 милијарди евра што ги ветила за бегалците во Турција, но дека постојат информации дека целосната сума не била платена.

Договорот од 2016 имаше цел да ја намали нелегалната миграција низ Егејско Море преку преземање строги мерки за спречување на шверцот со луѓе и подобрување на условите за трите милиони сириски бегалци во Турција.
Минатата недела претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој е долгогодишен критичар на неуспешните обиди ЕУ да го задржи ветувањето, предупреди дека Турција може да „ги отвори портите“ и да ги пушти сите бегалци во Европа ако Анкара не ја добие донацијата што била ветена.

ЕУ се согласи за ја финансира бегалската криза во Турција со 6 милијарди евра, но засега земјата добила само 2,22 милијарди евра.
Во моментов Турција згрижува околу 3,6 милиони бегалци од Сирија – повеќе од која било земја на светот.