Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, не дал конкретна понуда на состанокот на кој се разговарало за мигрантите кои од Турција се обидуваат да влезат во Грција и Бугарија.

– До денес, нема конкретен предлог на маса, но се надеваме дека наскоро ќе се формулира план за да можеме брзо да го спроведеме кога ќе постигнеме договор – рече портпаролот, Ибрахим Калин.

Тој додаде дека Турција не смета оти нејзината минатонеделна одлука за отворање на вратата за мигрантите кон Европа е политичка уцена.

Турските власти кон крајот на минатата недела објавија дека ја отвораат рутата за мигрантите од Сирија кон Европа, а турскиот претседател Ердоган неделава изјави дека одлуката нема да се промени, незадоволен од, како што рече, недостигот на западна поддршка во борбата во Идлиб, град во северозападна Сирија што е последно упориште на бунтовниците.