Министрите за надворешни работи на Србија и на Турција, Ивица Дачиќ и Мевлут Чавушоглу, во Белград открија спомен-плоча на убиениот турски амбасадор во некогашна СФРЈ Галип Баклар, кој во март 1983 година беше застрелан во атентат од двајца ерменски државјани. Ова убиство беше прв и единствен случај на меѓународен тероризам во Белград во поранешната југословенска заедница.

Одбележувањето на овој настан е во рамките на дводневната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Белград, кој по завчерашната средба со српскиот колега Александар Вучиќ изјави дека Турција и натаму ќе биде фактор на стабилност на Балканот и оти се обидува да им помогне на земјите од регионот да ги остават проблемите зад себе.

– Ние ја поддржуваме евроатлантската насока на регионот – рече Ердоган.
Претседателот на Турција најави дека за време на неговата посета ќе се отворат шест фабрики за производство на автомобилски делови, гуми, и текстил.

Турскиот претседател се осврна и на борбата против организацијата ФЕТО, која турските власти ја обвинуваат дека стои зад обидот за пуч во 2016 година во Турција.
– Не можеме да ја заборавиме поддршката на Вучиќ. Благодарам од мојата земја и мојот народ – рече Ердоган.

Српскиот претседател Александар Вучиќ му се заблагодари на Ердоган за пораката дека секое решение што би го постигнале Албанците и Србите за косовското прашање ќе биде прифатливо за Турција.
На коментар на новинарите дека Турција ја призна независноста на Косово, Вучиќ рече дека Турција е водена од нејзините интереси.