Фото: Твитер

Во тек е првата муслиманска молитва во „Света Софија“, откако од музеј повторно е претворена во џамија, по 86 години. На молитвата присуствува и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува „Ал Џезира“. Бројни верници чекале на 11-те контролни пунктови за да им биде дозволен влез на просторот предвиде за молитва. Се очекуваше на првата молитва да присуствуваат до 1.500 верници.

Пред првата петочна молитва во Аја Софија, Ердоган рецитираше стих од муслиманската света книга, Куранот, пред да се слушне повикот за молитва од четирите минариња на „Света Софија“. Али Ербаш, шеф на највисокото религиозно тело во Турција, ја предводеше првата петочна молитва, а двајца имами и четири муезини ќе служат во другите денови.

Министерот за верски работи во Турција, Али Ербас, назначи тројца имами, кои ќе ги водат молитвите во обновената џамија. Во пресрет на првата молитва подот беше покриен со тепих избран од Ердоган, а мозаиците што претставуваат христијански симболи ќе бидат покриени со завеси за време на молитвата.

Надвор од „Света Софија“ властите ги одбележаа местата за молитва, и тоа каде ќе бидат мажите, а каде жените, а како што беше најавено, настанот го обезбедуваат 17.000 службени лица. Во пресрет на денешната молитва неколку патишта до објектот беа блокирани.

Државниот совет, највисокиот административен суд во Турција, на почетокот на јули донесе пресуда во корист на групата што сакаше да ја поништи одлуката на Советот на министри од 1934 година „Света Софија“ да се претвори во музеј бидејќи кај нив постоеле сомнежи за автентичноста на потписот на основачот на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, на тој документ. Веднаш по објавувањето на таа одлука, Ердоган издаде указ за претворање на „Света Софија“ во џамија, објект што од почетокот на својата историја бил византиска катедрала.

Поранешниот музеј долго време беше симбол на секуларизмот во модерната турска република. Зградата служела како главна византиска катедрала сè до османлиската победа во 1453 година. До 1934 година „Аја Софија“ била џамија кога основачот на модерната Турција, Мустафа Кемал Ататурк, го сменил статусот во музеј.

САД, Европската Унија, Русија, УНЕСКО и неколку црковни водачи изразија загриженост за промената на статусот на „Света Софија“. Турција, од друга страна, инсистира на тоа дека тоа е нејзино историско и суверено право. 

„Света Софија“ е една од најпопуларните турски атракции и минатата година ја посетиле околу 3,7 милиони туристи. Ердоган рече дека „Света Софија“ ќе остане отворена за туристите и влезот отсега ќе биде бесплатен.


Христијаните прогласија Ден на жалост за „Света Софија“

Илјадници муслимани верници се собраа пред Аја Софија во Истанбул утринава, подготвени за првите молитви откако турските власти донесоа одлука богатото христијанско наследство на зградата да биде преиначено, а зградата да биде претворена во џамија, пренесува Би-би-си.

– Муслиманите се возбудени, сите сакаат да бидат на отворањето – рече гувернерот на Истанбул, Али Ерликаја, додека градот со 18 милиони луѓе се подготвуваше за настанот.

Возбудената толпа, од кои дел ноќеваа пред црквата за шанса да влезат во неа и да го прослават нејзиното претворање во џамија, се собра помалку од 24 часа откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган постави плакета за да ја потврди промената на историската зграда, тврдејќи дека тоа е историско и суверено право на Турција. Ердоган често ја користеше дебатата за „Света Софија“ за да поттикне поддршка за неговата партија со исламски корени.

Одлуката предизвика длабок немир кај православните христијани. Само неколку часа пред првите повици на муслиманските имами, Американската конференција на католички бискупи се приклучи на повикот на Грчката православна црква во САД да се прогласи Ден на жалост поради одлуката.

Епископите на САД (УСЦЦБ) во твит ја објавија објавата за Денот на жалоста, прифаќајќи го повикот од Грчката православна црква упатен до сите христијани и луѓе со добра волја да се приклучат во Денот на жалост на 24 јули за „Света Софија“.

Во повикот се бара секоја црква да ги бие своите камбани, секое знаме да се спушти на половина копје, да се прочита Акатист или молитвата на бројаницата.