На социјалните мрежи во Турција се споделува видео запис, на кој турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган инсистира на „пресинг” на избирачите на прокурдската Демократска партија на народите, соопшти „Хуриет дејли њуз”. 

Видео записот од една минута и 39 секунди бил направен на состанокот на 9-ти јуни со градоначалниците на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).

Состанокот беше затворен за јавноста, но записот, како што се тврди, го споделил градоначалникот на Истанбул на неговата Фејсбук страница. Подоцна, видеото е отстрането, но веќе се прошири меѓу корисниците на социјалните мрежи.

– Пријатели, нашата партиска организација треба да заврши многу различна работа во однос на ДПН. Не можам да зборувам за овие работи надвор. Зборувам за нив со вас. Зошто? Затоа што ако ДПН падне под изборниот праг, тоа ќе значи дека ние сме на многу подобри позиции- вели Ердоган за записот, а потоа ги советува партиските кадри да извршат „пресинг” врз гласачите во секој регион. 

– Вие знаете кој е кој. Ако нашите претставници по локалните  места не знаат кој е кој, тогаш треба да поднесат оставка. Ќе го земете избирачкиот список за секое избирачко место и ќе вложите специјални напори- додава тој.

– Не треба да го повториме искуството од 7 јуни- предупреди Ердоган, мислејќи на изборите во 2015 година, на кои АКП го загуби парламентарното мнозинство.