Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган очигледно ја користи новата бегалска криза за уценување на европските нации, изјави амбасадорот на Сирија во Русија, Ријад Хадад, пренесува „Спутник“.

– Земјите не можат да го користат проблемот со бегалците како чип за пазарење со другите држави како што тоа го прави Турција со ЕУ. Турците секогаш ќе вршат притисок врз Сирија и Европа користејќи ги бегалците – рече Хадад.

Тој додаде дека Сирија активно работи на враќање на своите граѓани дома, истакнувајќи дека Сирија се враќа во мирен живот. Хадад рече дека за да ги поттикне луѓето да се вратат, Дамаск работи истовремено на повеќе теми: борба против тероризмот и незаконските странски интервенции, одржување на политички дијалог во земјата и обнова на економијата на земјата.

– За тоа сепак е потребна помош и од странски земји – вели тој.

Хадад посочи дека Сирија во моментот доживува значителен финансиски стрес поради странските санкции кои ја таргетираат нејзината економија и ги повика земјите да ја прекинат економската блокада.

По неодамнешната ескалација на насилството во Идлиб предизвикано од честите напади на локалните терористи врз позициите на сириската армија, Турција објави зголемен прилив на бројот на бегалци кои доаѓаат од проблематичната провинција во Сирија.

Владејачката турска партија АКП на Ердоган објави дека земјата веќе нема да може да ги задржи и сместува бегалците што ги прима и ќе престане да ги спречува да се обидат да влезат во ЕУ.