Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган неделава ќе престојува во Босна и Херцеговина. Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, најавил дека ќе дојде во Сараево и ќе ја прекине својата блокада на функционирањето на државниот врв, пренесуваат босанските медиуми. Додик не учествува на седниците на државниот врв ниту комуницира со другите два члена од почетокот на август, откако парламентот на ентитетот Република Српска ја изгласа одлуката според која службениците на РС нема да учествуваат во работата на Претседателството, Советот на министри и државниот парламент сè додека не се поништат измените на Кривичниот закон, кој на крајот на јули ги наметна поранешниот висок претставник Валентин Инцко и со кои негирањето на воените злосторства стана кривично дело.
Денис Хаџовиќ, шеф на кабинетот на министерката за надворешни работи на БиХ, Бисерка Турковиќ, кажа за „Дневни аваз“ дека Ердоган ќе пристигне в четврток, а в петок би требало да се одржи неговата официјална средба со сите тројца членови на Претседателството на БиХ.

Од кабинетот на Додик сè уште нема официјална потврда дека ќе присуствува на состанокот.
Следејќи ја одлуката на парламентот на РС, на чие донесување лично инсистираше, Додик во минатите недели го блокира донесувањето одлуки на Претседателството за ангажирање на хеликоптерите на војската во гасењето пожари.