По отворањето за туристите, во земјите од регионот се најавува и организирање забавни манифестации, но епидемиолозите се претпазливи и посочуваат дека бројот на новозаболени лица на дневна основа сѐ уште е висок

Во земјите од Балканот се зголемува бројот на вакцинирани лица против коронавирусот, а тоа влијаеше и на одлуките за постепено отворање на границите за послободен промет на патници и туристи, а веќе се најавува и можноста за организирање други настани и манифестации. Од минатата недела Грција и Црна Гора се отворија за странските гости, доколку се исполнат условите за безбеден престој, а еден од нив е лицата да имаат примено вакцина или да имаат негативен тест. Граѓаните на Србија од 21 јуни ќе може да организираат прослави, услов за тоа е половина од возрасното население да биде целосно вакцинирано против ковид-19, најави премиерката Ана Брнабиќ. Во Хрватска, стопанските субјекти од „забавната индустрија“ најавија и тужба до Уставниот суд, поради нерамноправната положба на организаторите на музички и други настани во однос на другите правни лица, кои можат непречено да дејствуваат во услови кога е намален бројот на заболени лица од ковид-19. Здравствените власти во Хрватска спроведоа и пилот-проект за да се види колку свадбите се потенцијално место за ширење на коронавирусот. Доколку резултатите бидат поволни, се најавува и донесување протоколи за организирање свадбени веселби.
– Од 21 јуни сакаме да ја отвориме Србија за прослави, свадби и родендени, но за да се оствари тоа, 50 отсто од полнолетното население мора да биде вакцинирано. Сега сме на 42 отсто, односно вакцинирани се 2.270.000 жители – изјави српската премиерка Ана Брнабиќ.
Во интервјуто за Прва ТВ, претседателот Александар Вучиќ кажа дека Србија има доволно вакцини и дека и сама ќе почне да ги произведува, па наскоро сите граѓани од регионот ќе може да се вакцинираат таму.
Албанската министерка за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу, информира дека во земјата имунизацијата против ковид-19 се одвива со забрзана динамика.

– Повеќе од 200 илјади граѓани ги примија двете дози од вакцината и денес се многу позаштитени од ковид-19. Процесот се одвива со зголемена динамика на целата територија на земјата. Албанија се насмевнува – напиша Манастирлиу.
Таа објасни дека вкупната бројка на имунизирани достигнала 650 илјади и повеќе од оптимист е дека до јуни со овој процес ќе бидат опфатени милион граѓани, што и било цел на Владата.
Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, изјави дека во главниот град на Србија сигурно ќе бидат одржани фестивали, како што се Саемот на книгата, „Бир-фест“, Џез-фестивалот, „Бемус“… Меѓутоа епидемиолозите предупредуваат дека е потребен поголем број на вакцинирани, но и значително помал број на дневно новозаразени лица, за да се дозволи организирање масовни забавни манифестации.

– Јас лично не би бил подготвен да преземам таков ризик сѐ додека за лицата што ја примиле и втората доза вакцина не помине доволен период за стекнување колективен имунитет. Доколку сега имаме илјада заразени дневно и да претпоставиме дека 300 од нив се во Белград, како ќе бидеме сигурни дека некои од нив не би присуствувале на концерт. Со илјада лица новозаболени дневно, значи дека вирусот сѐ уште има голема трансмисија – вели вирологот Миланко Шеклер за „Данас“.
Претходно епидемиологот Зоран Радовановиќ изјави дека фестивалите може да се организираат доколку бројот на новозаболените падне под сто, односно на неколку десетина. Епидемиологот Ивана Прокиќ, која е членка на здружението „Обединети против ковид“, за Н1 изјави дека најслаба алка при олабавувањето на мерките за организирање разни манифестации е недоволната подготвеност на кризниот штаб за да го следи исполнувањето на пропишаните препораки од страна на организаторите на забавните настани.