Поранешната премиерка на Тајланд, Јинглук Шинаватра, која во својата земја е осудена на пет години затвор, поради што е во бегство, од неодамна е српски државјанин. Премиерката Ана Брнабиќ го потпишала решение за државјанство на 27 јуни, а објавено е во Службен весник на 28 јуни.

Поранешната премиерка на Тајланд добила српско државјанство според член од Законот за државјанство на Србија, кој меѓу другото предвидува и прием на државјанство во случаи кога „е од интерес на Република Србија“. Не се прецизира кој е интересот на државата за ваков потег.

Судот во Тајланд во отсуство ја осуди Шинаватра на пет години затвор под обвинение за небрежност при водење на програмата за субвенционирање ориз. Таа беше премиерка на Тајланд од 2011 до 2014 година.

Нејзиниот брат, Таксин Шинаватра, исто така ја предводеше владата, која беше соборена од војската и живее во егзил за да избегне издржување затворска казна за корупција. Иако беше осуден за корупција во својата земја, Шинаватра доби пасош како почесен граѓанин на Црна Гора во 2009 година. Тој беше премиер на Тајланд од 2001 до 2006 година.