фото: илустрација

Силна експлозија одекна ноќеска во дворот на грчката телевизија Скај, предизвикувајќи само материјална штета на објектот, јави дописничката на МИА од Атина.

На експлозијата, што се сличи околу 2.30 часот по локално време (1.30 часот по средноевропско време) и претходеле два анонимни телефонски повици во информативниот портал Зугла и во грчката телевизија Антена.

При повиците, непознато лице предупредило дека е поставена експлозивна направа во Скај, при што неколку пати потенцирало дека не станува збор за фарса и дека бомбата ќе експлодира по 45 минути.

Полицијата веднаш го затворила делот околу зградата на телевизијата, а според Скај, експлозијата била толку силна што биле искршени прозорците од првиот до шестиот кат на објектот.

Наместо од студиото на телевизијата, утринската информативна емисија на Скај утрово се емитува од дворот на телевизијата.
Министерката за цивилна заштита на Грција, Олга Геровасили и претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис го осудија нападот.

За сега, сè уште ниту една од грчките терористички организации не презеде одговорност за експлозијата.