Во Марибор утрово околу три часот експлодира направа подметната покрај ресторанот „Рожмарин“ во сопственост на градоначалникот Саше Арсеновиќ.

Тоа е трет напад врз угостителските објекти на градоначалникот Арсеновиќ, но прва експлозија.

Досега напаѓачите со гранитни плочки од улиците ги кршеа стаклата на објектите.

Сите три напади се случија од почетокот на март.

Полицијата блокираше две улици во Марибор за да направи увид.

Арсеновиќ за словенечкиот весник „Вечер“ изјави дека не знае кој би можел да посегне по такви методи, но дека мисли дека нападите се предизвикани од неговите одлуки за управување со градот.

– Досега немаше такви случаи и затоа мислам дека нападите се насочени кон мене како градоначалник. Немам никакви индиции кој би можел да стои зад тоа- рече Арсеновиќ.

Откако ја презеде должноста градоначалник, Арсеновиќ престана да биде директор на своите компании, но го задржа сопствеништвото. Освен ресторанот „Рожмарин“, тој е сопственик на хотел и на гостилницата „Марибор“.