Лошата архитектура и боровата шума му пресудија на туристичкото место Мати

Грција

Грчките медиуми вчера ги бараа одговорите на тоа зошто загинаа голем број луѓе и дали огнената стихија што го зафати просторот на полуостровот Атика можела да се спречи

Бројот на загинати во пожарите што го зафатија источниот дел на областа Атика во Грција, и според последното соопштение од грчката противпожарна служба, достигна 82 лица.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, и понатаму продолжува потрагата по исчезнати лица, но само во становите и во куќите што се отворени.

– Потрагата за пронаоѓање исчезнати лица продолжува со несмален интензитет, со патроли што пеш вршат контроли на отворени простори, автомобили, дворови на куќи, куќи што се целосно или делумно уништени во пожарот, но и во сите други простори каде што би можеле да се пронајдат луѓе. Во домовите што се заклучени и не е можен влез, засега уште не е извршена контрола – вели Ставрула Малири, портпаролката на противпожарната служба на Грција.

Грчките медиуми вчера ги бараа одговорите за тоа зошто загинаа голем број луѓе и дали огнената стихија што го зафати просторот на полуостровот Атика можела да се спречи. Некои од експертите велат дека предупредувале на ваква катастрофа, затоа што во поголем дел од приморските и туристички места не биле почитувани архитектонските стандарди за заштита при пожари. Некои од медиумите посочуваат и на постоењето на урбаната мафија, која ги поттикнува пироманите да ги палат сувите предели до приморјето, за да може потоа просторот што претходно бил пошумен да се искористи како градежно земјиште.

Димитри Пирос, шеф на медицинските служби ЕКАВ, националниот центар за итна помош, истакна дека луѓето претрпеле страшни повреди поради брзината со која се ширел пожарот.
Пожарите се чест проблем во текот на топлите и суви лета во подрачјето Атика. Ветриштата со брзина до сто километри на час беа дополнително отежнување за пожарникарите во Грција.

Пожарникарите често говорат за триаголникот што е потребен за да настане пожар: гориво, кислород и жештина. Во еден топол летен ден, во сушни услови, доволна е само искра од тркалата на возот за да избувне голем шумски пожар. Понекогаш пожарите се случуваат спонтано, поради жештина или удар од гром.
За да се спречи ширењето на пожарите, службите мора од патот да отстранат сѐ што може да гори. Експертите прво го предвидуваат движењето на пожарот мерејќи ја брзината на ветрот и следејќи ја насоката на движењето, а потоа со булдожери и алат ги отстрануваат дрвјата, грмушките и преостанатото гориво.
Катастрофалните последици од пожар во приморското место Мати не се изненадување за експертите, кои посочуваат на пропустот со изградба на куќи во борова шума, немањето планови за евакуација, лошо организираните пожарникари и итни служби поради мерките на штедење.

Според експертот за шумарство Никос Бокарис, регионот во кој се наоѓа селото Мати ги исполнувал сите услови за катастрофата од библиски размери. Бокарис нагласува дека тоа било неизбежно да се случи поради куќите наредени меѓу боровите, од кои некои немаат ни пристапен пат.

– Боровите се стари, многу високи и широки, а тоа е гориво за ширење на пламенот. Ова создава огромна маса топлина – изјави Бокарис за АФП.
Иако експертите се согласни дека до пожари од вакви размери доаѓа главно поради климатските промени, Кипрас запоставил многу важен елемент.

– Превенција. Уморни сме од постојано повторување, а ништо да не се менува. Добро организиран план за евакуација можеше да го намали бројот на жртви во Мати – вели Кристијан Теохари, експерт за животна средина.

Неколку жртви останаа заглавени во автомобилите поради сообраќајниот колапс што се случи кога жителите и туристите во паника се обиделе да избегаат. Во единствената улица во Мати беа заглавени многу возила со кои локалното население и туристите се обидоа да избегаат од огнената стихија.


Поплавени населби во Атина

Силен дожд предизвика поплави и сериозни проблеми во населби во северниот дел на Атина. Еден паркинг, со над 50 автомобили, целосно се поплави, а по наредба на полицијата затворени се за сообраќај неколку поплавени улици.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, од противпожарната служба на Грција соопштија дека добиле 140 повици за помош на возачи и за затнати шахти. Засега нема информации за повредени граѓани.