Најавуваниот ексклузивен самит во Дубровник за кој се продаваат ВИП-влезници по цена од 2.500 евра, би можел да биде биде измама, на што предупредува Хрватската агенција за надзор на услугите (ХАФНА), пренесува „Јутарњи лист“.

Конференцијата „The 8th Annual Follow the Entrepreneur Investor Summit“ (најавена за 9 и 10 октомври), е во организација на американската претприемачка Џули Мејер што ја основа компанијата „Аријадни Капитал Лимитед“, на која неодамна и е одземено одобрувањето за работа и за пружање инвестициски услуги.

Дел од најавените предавачи на конференцијата, наводно, го демантирале нивното учество, преку Твитер. ХАФНА, пак, повика на претпазливост, бидејќи компанијата-организатор неовластено се рекламира како инвестициско друштво. Згора, според податоците на британски „Бизнис инсајдер“, видливо е оти е отворена стечајна постапка за компанијата.

Како што претходно пишуваа медиумите, Мејер е Американка која својот претприемачки сон го остварила во Велика Британија. Таа била поканета од британската влада во 2010 година, заедно со уште 25 успешни луѓе, да даде совети за поттикнување на претприемаштвото во Обединетото Кралство.

Американката била членка на советот наречен „Старт ап лоунс“ предводен од претприемачот Џејмс Кан, основан со капитал од 82,5 милиони фунти, со цел да ги финансира младите заинтересирани за основање на британски стартап-бизниси. Финансиските проблеми на Мејер почнале кога Кан ја обвинил дека оттуѓила 50 илјади фунти што требале да бидат уплатени за покренување на стартап-бизнис во 2015 година. Тоа резултираше со создавање на бројни конфликти помеѓу деловната жена со поранешните вработени, адвокатите и доставувачите, а во 2017 година нејзините бизниси страдаа поради неплатени сметки и обвинувањата со кои се соочуваше.

Мејер не се појави на закажаните рочишта на Малта во мај, кои се однесуваа на неплатените сметки, по што судот побара од полицијата Американката да биде лоцирана. Надлежните институции ја одземаа дозволата за работа на компанијата „Аријадни Капитал Лимитед“, кога властите не успеаја да ја пронајдат Мејер.

На Твитер можат да се забележат бројни обвинувања на сметка на Мејер, како и потсетување оти, наводно, останале неплатени сметки по конференцијата што таа ја организирала лани на Малта.