Фото: Принтскрин/Твитер/РСЕ

Во Белград и во повеќе од 50 населени места ширум Србија, на повик на иницијативата „Тргни промени“ и голем број движења на еко-активисти собрани околу т.н. Еколошкото востание, денеска се одржаа повеќечасовни масовни протести со блокади на повеќе патни магистрали, меѓу кои и Ибарска магистрала. На протестите учествуваа илјадници демонстранти, а, како што јавуваат локалните медиуми, биле забележани неколку инциденти.
Протестираа граѓани незадоволни од планот на власта да му дозволи на гигантот „Рио Тинто“ да отвори рудник за литиум. Зелените активисти велат дека проектот ќе ги загади земјата и водите во Србија.

Минатиот викенд имаше слични протести низ Србија за време на кои маскирани луѓе нападнаа учесници на собир во Шабац, што предизвика големо незадоволство на социјалните мрежи. Оние кои денес протестираа бараа ослободување на сите уапсени во протести од минатата сабота, повлекување на Законот за експропријација и измени на Законот за референдум и народната иницијатива, а на истите не беше видливо присуството на унифомирираната полиција.
Во Белград меѓу демонстрантите беа и лидерите на опозицијата, меѓу кои Драган Ѓилас, Мариника Тепиќ, поранешниот премиер Зоран Живковиќ и други.

Четворица студенти беа нападнати и претепани во Нови Сад од триесетина млади момчиња, облечени во црно.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој беше на средба со граѓаните во околината на Лозница заради изградба на рудникот на „Рио Тинто“ изјави дека нема да го укине Законот за референдум, наведувајќи дека Србија нема да ја водат оние кои нема да победат на изборите.