Претседателот на Европската инвестициска банка, Вернер Хојер, изрази силна поддршка за зелена и дигитална трансформација на земјите од Западен Балкан во согласност со Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ.
ЕИБ на самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржува во Брдо кај Крањ, ја потврдува својата улога како водечки финансиер на одржливи проекти. Овие цели се дел од Економскиот и инвестицискиот план (ЕИП) на Европската Унија за Западен Балкан, во кој се наведени инвестициски пакети во вредност од близу 30 милијарди евра за поттикнување поодржлив, зелен, дигитален раст, фокусиран кон луѓето во регионот.
Банката на ЕУ ќе ја интензивира соработката со сите клучни партнери во јавниот и приватниот сектор за спроведување на клучните проекти и финансиските производи од суштинско значење за економската трансформација на регионот, проширувајќи ја нејзината поддршка и надвор од рамките на финансирањето кон политичкиот дијалог, градењето капацитети и унапредувањето на правото на ЕУ. Неодамнешен и важен пример за овој пристап е првиот самит за железници за Западен Балкан, организиран од ЕИБ, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската комисија и Транспортната заедница, одржан во Белград.