Додик, Комшиќ, Џаферовиќ

Односите на Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и на Жељко Комшиќ ќе зависат од многу фактори, пред сѐ од релациите меѓу Хрватите и Бошњаците на федерално ниво

Првите изјави на новоизбраните членови на Претседателството на Босна и Херцеговина најавуваат дека во наредните четири години не ветуваат големи промени и се очекува да владеат истите односи како во претходниот состав на ова тричлено тело. Односите на Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и на Жељко Комшиќ ќе зависат од многу фактори, пред сѐ од релациите меѓу Хрватите и Бошњаците на федерално ниво. Неповолен фактор е тоа што Хрватите во БиХ не го признаваат изборниот легитимитет на Комшиќ, кој е избран со гласовите на бошњачката заедница.

– Сѐ зависи од нивната подготвеност да постигнат консензус и од политиката што тие ја претставуваат, а тоа се национални политики. Вака гледано, тешко е да се очекува да се постигне целосна согласност за надворешните односи и со другите прашања што се во надлежност на Претседателството на БиХ – вели Милош Шолаја, политички аналитичар од Бања Лука.

Последните изјави на Комшиќ, Џаферовиќ и Додик укажуваат дека нивната соработка ќе биде комплицирана и уште помалку ефикасна споредено со претходниот состав. Првата искра дојде по изјавата на Комшиќ дека БиХ би можела да поднесе тужба против Хрватска поради мостот за Пељешец, додека Додик веднаш возврати дека нема да го поддржи тоа. Наспроти ова е изјавата на Додик за признавањето на Крим како дел од Русија, а на ова следуваше контраодговорот од Комшиќ дека „Косово е држава“. Претходно, Додик излезе со став дека Џаферовиќ и Комшиќ ќе го внесат военото минато во Претседателството. Во постизборниот период активен беше и Џаферовиќ, кој им порача на хрватските политичари да внимаваат што говорат и што работат.

– Идните односи во БиХ ќе зависат од тоа дали партиите што би ја формирале идната власт меѓу Хрватите и Бошњаците ќе можат да се договорат за некое смислено формирање на централната власт – вели Сечко Латал, аналитичар од Сараево.
Сепак, на првиот заеднички настап, новоизбраните членови од Претседателството на БиХ се согласија дека ќе треба да работат во согласност со Уставот. Нивниот став е дека БиХ треба да оди по патот на европска интеграција и изразиле желба заеднички да одат во Брисел.

Ларс Губар Вигемарк, шеф на Делегацијата на ЕУ во БиХ, изрази задоволство од заедничката изјава на претставниците на хрватскиот, српскиот и на бошњачкиот народ, но забележа дека досега сите приказни биле за поделби.

Претседателот на партијата ХДЗ за БиХ, Драган Човиќ, кој ги изгуби изборите за хрватски претставник во Претседателството, рече дека апсолутен услов за воспоставување на власта е промена на Изборниот закон.

– Измените мора да бидат претходна фаза за градење партнерство со кое ќе се дојде до нова реформска агенда за дефинирање на економската и на правната сигурност, како и на европскиот пат на БиХ. Тоа подразбира рамноправност на Хрватите. Јасно е дека без ХДЗ и ХНС во БиХ нема да може да се воспостави идната централна власт. Тоа е јасен одговор на хрватскиот народ – изјави Човиќ, за „Вечерњи лист“.