Вишиот суд во Белград ја осуди вдовицата на Слободан Милошевиќ и поранешна претседателка на партијата ЈУЛ Мирјана Марковиќ на една година затвор поради злоупотреби при доделување на државни станови во 2000 година.

Таа е обвинета дека влијаела врз членови на владината комисија противзаконски да ги распределат државните станови, а во истата пресуда поранешната секретарка на Владата на Србија Живка Кнежевиќ е осудена на една и пол година затвор.

Тогашниот директор на претпријатието што управува со државен имот(ДИПОС) Милош Лончар е осуден на година дена затвор поради злоупотреба на службената должност.

На ова обвинение се наоѓа и некогашниот шеф на Државата безбедност Јовица Станишиќ, но судот донесе одлука за прекин на постапката против него поради повтореното судење за воени злосторства што се води против Станишиќ во Хаг.

Мирјана Марковиќ, како што се наведува во обвинението, ги поттикнувала Кнежевиќ и Лончар да ги извршат кривичните дела.

Во пресудата е наведено дека на сила останува решението за одредување притвор од 17 април 2003 година, откако Марковиќ беше осудена во отсуство бидејќи е недостапна за српските правосудни органи, а по неа во 2005 година е распишана меѓународна потерница.

Ова е првостепена пресуда, а е објавена по речиси 15 години од покренувањето на казнената постапка.

Мира Марковиќ и нејзиниот син Марко Милошевиќ добија азил и живеат во Русија.