Резултатите на парламентарните избори во Албанија покажаа дека лидерот на Социјалистичката партија, Еди Рама, ги одбрани своите гласови освоени пред четири години.
Проблемот за опозицијата е што нема повеќе од каде да влече нови гласови – вели Душан Пророковиќ, професор на Факултетот за дипломатија и безбедност во Белград.
Владејачката партија на парламентарните избори во неделата освои 73 пратеници и може сама да формира влада. Но таа доби помалку гласови од преостанатите три листи што влегоа во парламентот, но поради изборниот систем во Албанија партијата на Еди Рама доби повеќе пратеници.
– Многу невообичаени работи се случија на овие избори, од броење на гласовите 36 часа, до тоа амбасадорката на САД да ги поздрави истрагите што се однесуваат на активна и пасивна корупција на гласачките места. Но тоа сега не може да ја попречи третата победа на Рама за формирање трет премиерски кабинет – оценува Пророковиќ за „Спутник“.

Главната опозициска Демократска партија на изборите освои 150.000 гласа повеќе од претходните избори, што ја отежнува работата на парламентарното мнозинство на СП. Нивниот лидер Љуљзим Баша се соочува со барањето за оставка од лидерската позиција.
– Наспроти големата кампања и одзивот од 48 отсто, опозицијата нема од каде да влече нови гласови. Албанија официјално има 3,6 милиони избирачи, а на изборите гласаа 1,7 милион граѓани. Голем број луѓе емигрираа, а тоа се покажа и на овие избори – заклучува Пророковиќ.
Според него, најголем губитник е албанскиот претседател Илир Мета, бидејќи партијата што ја предводи неговата сопруга освои двапати помалку гласови од 2017 година. Тие доживеаја целосна катастрофа на изборите, со освоени пет пратенички мандати, наспроти досегашните 19 мандати. Ова значи и целосно слабеење на политичката сила на Мета и најверојатно последен претседателски мандат.