Европската главна обвинителка Лаура Ковеси е во дводневна посета на Софија. По пристигнувањето во Бугарија, оствари средба со министерот за правда Јанаки Стоилов. Главна тема на разговор со Стоилов треба да бидат испразнетите места за бугарски делегирани обвинители. Бугарија има квота од 10 делегирани европски обвинители, но досега има номинирано само четворица.
Бугарија е првата земја што Кoвеси ја посети откако Европското обвинителство, предводено од неа, започна со работа на 1 јуни.
Посетата на Ковеси доаѓа во време на граѓански протести во Бугарија со барање за оставка на главниот обвинител Иван Гешев и Вишиот судски совет. Демонстрантите носеа плакати на бугарски, романски и на англиски јазик, со кои ја повикуваа Ковеси да не верува во Иван Гешев, кого го нарекоа „мафијаш“ и извикуваа „Гешев е срамота!“