Европол растури меѓународна криминална мрежа

Во заедничка акција на 34 земји, вклучувајќи ја и Македонија, минатата недела беа уапсени 166 лица во операција против организиран и тежок меѓународен криминал во Југоисточна Европа, соопшти вчера Европол, полициската агенција на Европската Унија.
Според соопштението на Европол, вкупно 8.838 припадници на полицијата, граничните трупи и царинските служби учествувале во четиридневната акција, чија цел е сузбивање на илегалната имиграција и на шверцот на оружје и наркотици. Повеќе од 39.000 луѓе и 44.000 возила биле прегледани на граничните премини и точки за кои постои сомневање дека се центри за шверцерски активности. Ова, како што се наведува, резултирало со апсење на 17 лица во повеќе европски земји за шверцување или нелегално поседување огнено оружје, 73 лица за шверцување мигранти или илегална имиграција и 37 лица за шверц на наркотици. Запленети се 51 парче разновидно оружје и 47 килограми разновидна дрога.