Во меѓународна полициска акција координирана од Европол е разбиена балканска наркогрупа на трговци со дрога и започната е истрага против повеќе од 60 осомничени членови на криминалната организација.
Како што пренесува хрватската агенција Хина, повикувајќи се на иформации на Европол, во заедничката полициска акција биле вклучени припадници на органите на редот од Шпанија, Хрватска, Србија, Германија, Словенија, БиХ, САД и Колумбија.
Акцијата била спроведена на повеќе локации во Европа, а членовите на криминалната група биле лишени од слобода, а претежно биле државјани на земјите од Балканот.
Според Европол, за време на акцијата биле запленети неверојатни 2,6 тони кокаин, 324 килограми марихуана, девет луксузни автомобили и пет мотоцикли, како и 612 илјади евра во готово.
Оваа доста мобилна криминална организација, како што пишуваат регионалните медиуми, имала активни разграноци во неколку европски земји и главно се состоела од криминалци од Србија, Хрватска, Црна Гора и Словенија.
Инаку, европската полиција некаде во јули 2020 година ја формира работната група за следење на криминалците од регионот за да ги собере сите неопходни информации, но и да обезбеди успешна координација и стратегија за разбивање на целата мрежа.
Оттогаш досега, како што информира европската полиција, постојано е во контакт со безбедносните служби од регионот за да се обезбедат и најновите разузнавачки податоци и анализи за да им се помогне на теренските истражители што се вклучени во процесот.