Хуманитарните организации и здруженијата за заштита на човековите права предупредуваат на однесувањето на Европската Унија, која со години го игнорира однесувањето на нејзините земји-членки што се на надворешните граници на Унијата

Со зголемен број мигранти се соочуваат земјите од Западен Балкан, главно на бегалци од Блискиот Исток или од Северна Африка. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во Албанија за осум месеци од 2020 година биле евидентирани 8.343 странски мигранти со нерегулиран престој во земјата, додека до јуни во Македонија биле евидентирани околу 4.100 мигранти. Грција, Косово и Црна Гора исто така се користеа како транзитен коридор за илегално минување на мигранти насочени кон Западна Европа, пренесува „Мета“.
Однесувањето на хрватската гранична полиција при спречувањето на илегалните мигранти што се движат на балканската траса, деновиве повторно беше тема во Европскиот парламент. Обвинувањата за престрогите мерки кон лицата што илегално ја преминуваат границата со Босна и Херцеговина, од хрватската влада ги отфрлаат по автоматизам, а информациите во медиумите за насилното однесување на полицијата ги означија како лажни вести. Во исто време, од СДА, владејачката партија во Босна и Херцеговина, побараа од федералните власти да се испрати дополнителен број на војници за да се справат со сѐ поголемиот прилив на мигранти од српска територија.
Хуманитарните организации и здруженијата за заштита на човековите права предупредуваат на настаните на хрватско-босанската граница и сметаат дека со тоа се кршат законите и начелата на хуманост.

Но има забелешки и на однесувањето на Европската Унија, која со години го игнорира однесувањето на нејзините земји-членки што се на надворешните граници на Унијата. Донесувањето на заострените безбедносни мерки на границите, покрај спречувањето на сѐ поголемиот прилив на мигранти на европска територија, има и национални политички мотиви. Најважен приоритет во наредниот период за Хрватска е влегувањето во т.н. шенгенски простор и затоа хрватската влада настојува да се претстави пред Брисел како доверлив чувар на надворешните граници на ЕУ. Во такви услови, одредбите од Европската конвенција за човекови права, како и Женевската конвенција за бегалци, или европските прописи за постапка за добивање азил, имаат споредна улога. Дефинитивна потврда за признавање на постапките на хрватската полиција пристигна и со барањата на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон во контекст на борбата против тероризмот и препораките за „подобро чување на границите на ЕУ“, се констатира во текстот на „Дојче веле“.

Албанскиот хелсиншки комитет, во соработка со партнерски организации од Западен Балкан, го објави извештајот во рамките на иницијативата „Безбедност за луѓето и границите – борба против трговијата со мигранти на Западен Балкан“.
„Постојат неколку патишта за трговија со мигранти во регионот на Балканот, но една од главните маршрути започнува во Албанија и главно го следи јадранскиот брег, продолжувајќи кон Црна Гора. Постојаниот притисок на миграцијата се чувствува особено на албанско-црногорската граница и многу трговци со мигранти се активни во северниот дел на Албанија. Се чини дека оваа маршрута ја користат претежно Ирачаните и Сиријците, кои во некои случаи се поддржани од активни регионални групи на организиран криминал од балканските земји“, се вели во извештајот.

По олеснувањето на мерките за пандемијата на ковид-19 и повторното отворање на границите, полицијата во Македонија во јуни приведе повеќе од 1.000 мигранти што се обидоа илегално да влезат во земјата. Во текот на август, поради страв од илегални преминувања од бегалци, Србија започна да гради боцкава ограда на границата со Македонија, во близината на Прешево. Боцкава ограда, поради бегалците, во 2017 година постави Унгарија, и тоа по целата граница со Србија. Боцкавата жица е долга околу 150 километри и е опремена со термички видеокамери.
Македонија во 2016 година со двојна боцкава жица обезбеди дел од својата јужна граница со Грција. Според официјалните податоци, подигнати се огради од боцкава жица од 37 километри, висока 2,5 метри, со остри жици на врвот.
Словенија почна да ја поставува оградата со боцкава жица на дел од границата со Хрватска во 2015 година, додека минатата година почна да поставува дополнителна ограда од 40 километри за да обезбеди опасни делови по должината на границата.