Од Европската Унија стигнуваат остри тонови и предупредувања до Србија дека договорот со Евроазиската унија може да ѝ го забави евроинтегративниот процес

Со потпишувањето на договорот за зона на слободна трговија со Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), што е најавено за 25 октомври, на Србија ѝ се отвора пазар од 180 милиони потрошувачи и бесцарински режим за 99 отсто од производите. Соговорниците на „Вечерње новости“, кои се професори на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград, истакнуваат дека договорот со ЕАЕУ, чии членки се Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан, дава извонредна можност за српското стопанство, особено за извоз на земјоделско-прехранбени производи.

Овој договор предизвика бурни реакции од официјалните претставници од Брисел. Иако слични договори има и со членките на ЦЕФТА и со Турција, од Европската Унија стигнуваат остри тонови и предупредувања до Србија дека тоа може да ѝ го забави евроинтегративниот процес.

Сепак, како што тврди професорот Љубодраг Савиќ, прашање е колку српските компании можат да ја искористат новата можност за соработка со евроазиските земји. Слична оцена дава и професорот Предраг Бијелиќ, но нагласува дека позитивно е тоа што се отвора нов пазар за Србија.

– Нашата држава има право и слобода да склучува спогодби со кого сака до влегувањето во ЕУ. Притисоците врз Србија се политички и од аспект на меѓународната трговија немаат никакво оправдување. Зошто Србија да не го искористи тој пазар, ние не воведовме санкции кон Русија – вели Бијелиќ.
Договорот е корисен и за странските инвеститори, а факт е дека и кинеските сопственици може по повластени услови да извезуваат производи, што предизвикува неодобрување на Запад

– Сѐ е во ред кога Словенците, чија земја е членка на ЕУ, го користат договорот што Србија го има со Русија, Белорусија и Казахстан, како што е „Горење“, а кога тоа ќе го направат Кинезите, кои се инвеститори во рудникот во Бор и во железарницата во Смедерево, тогаш тоа е пречка – вели професорот Савиќ.

За економистите е неизвесно колку Србија ќе ги искористи потенцијалите од договорот со Евроазиската економска унија, затоа што постои дисконтинуитет во производството на земјоделски и прехранбени производи, во одредени периоди има вишок, а во други недостиг. Сепак, треба де се има предвид дека српските компании првенствено се насочени кон ЕУ, со која се вршат две третини од трговската размена. Европскиот пазар нуди поголем потенцијал, за разлика од Евроазиската унија, каде што населението е со помала куповна моќ.

– Меѓутоа, трговската размена со ЕУ главно се одвива така што оттаму доаѓаат инвеститори со помош на субвенциите што отвораат фабрики во Србија, а внесуваат полуфабрикати, и преку нивна доработка повторно се враќаат на европскиот пазар, а од тоа користа за нашата земја се само статистичките податоци за размената – вели Савиќ.

На пазарите во земјите од Евроазиската унија, Србија најмногу извезува јаболка, хулахопки, гуми за автомобили, хартија, картонска амбалажа, подни покривачи, а увезува нафта, гас, руда железо и бакар, алуминиум.
Според професорот Љубодраг Савиќ, договорот со Евроазиската економска унија нуди многу конкретни работи без посебни услови, додека од ЕУ не доаѓа ништо опипливо, туку само надеж за членство, кое во овој момент е многу далеку.