Додека чека на пристапувањето во Европската Унија, Србија постигна договор за слободна трговија со земјите од Евроазиската економска унија

Во саботата стапи во сила Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), со кој се предвидуваат бесцарински увоз и извоз на производи од Србија во Русија, Казахстан, Белорусија, Ерменија и во Киргизија. Но веднаш пристигна и реакцијата од Брисел, преку портпаролот на ЕУ за надворешна политика и безбедност Петер Стано, кој порача дека Србија пред да биде подготвена за влез во Унијата ќе мора да го раскине договорот со Евроазиската унија.
Јагода Лазаревиќ, помошник-министерка за трговија, изјави дека Србија не планира да се откаже од своите традиционални партнери до моментот кога ќе стане членка на ЕУ, а во склучувањето на договорот со ЕУЕУ не гледа судир на интереси
– Членството носи бенефиции, но и обврски. До тој момент, Србија како суверена држава е апсолутно слободна да преговара со кого сака, а Европската комисија беше запозната со текот на нашите преговори – изјави таа.
Во договорот на Србија со ЕАЕУ е дефинирана и клаузула за излез од оваа економска асоцијација, а со него се наведува дека договорот се заклучува на неодредено време, но секоја страна може да го раскине така што ќе ја информира другата страна за својата намера да ја напушти евроазиската бесцаринска унија.
Во разговор за Радио Слободна Европа, Страхиња Суботиќ од невладиниот Центар за европска политика (ЦЕП) вели дека со овој договор Србија не се приближува на Брисел и тоа нема да биде дочекано позитивно. Според него, потпишувањето на овој договор не е во духот на пристапниот процес на Србија во ЕУ. Очекувањата се со текот на времето Србија сѐ посилно да се усогласува со политиките на ЕУ. Белград го отвори пристапниот процес во 2014 година, со што се „обврза“ економски и политички да се приближува кон ЕУ.

– На овој начин, ние секако го губиме кредибилитетот во очите на земјите-членки на ЕУ, кои се скептични кон Русија. Ова ќе влијае на ЕУ да ги набљудува Србија и регионот како актери што и натаму балансираат, кои не се во целост посветени на европската перспектива. Од овој аспект, потпишувањето на овој договор ќе влијае негативно на перцепцијата за Србија во очите на европските политичари. Овде е важна и симболиката, а тоа е на овој начин се покажува дека Русија е актер што ќе остане овде, а тоа е загрижувачки фактор за европските институции – вели Суботиќ за РСЕ.
Пред потпишувањето на договорот за слободна трговија со Евроазиската економска унија, Србија имаше билатерални договори со три од пет членки на тој сојуз, со Русија, Белорусија и со Казахстан. Овие договори автоматски престануваат со важност со потпишувањето на Договорот за слободна трговија со ЕАЕУ 10. Вкупната размена на Србија со овие пет земји изнесуваше околу шест отсто од трговската размена на српската економија со светот. Вредноста на размената изнесува 2,7 милијарди американски долари. Најголема размена е остварена со Руската Федерација (2,4 милијарди долари). Сепак, ЕУ во 2020 година беше најголем надворешнотрговски партнер за Србија, а вкупната размена изнесувала 28,1 милијарди долари, што е 61 отсто од вкупната трговија на Србија со светот.

Договорот за економска соработка меѓу Србија и ЕАЕУ нема да донесе драматични промени за српските претпријатија, смета Небојша Лазаревиќ од белградскиот Центар за европски политики (ЦЕП).
– Неговото потпишување има главно симболичко значење и во прашање е повеќе техничка одлука отколку политичка – изјави Лазаревиќ за „Еуроактив Србија“.
Заедничкиот договор ќе ги замени постојните билатерални трговски договори со Русија, Белорусија и со Казахстан, додека со вклучувањето на пазарите на Ерменија и на Киргистан, се овозможува пласирање на ограничени количества без царини за цигари, алкохол и сирење.
– Наспроти помпезните најави во медиумите, Србија ќе продолжи со извозот каков што беше досега и нема да има значајно зголемување – нагласи Лазаревиќ.