Железниците на Западен Балкан се на добар пат да се приспособат на железничката мрежа на Европската Унија и паневропските коридори, а приоритет за регионот остануваат отворањето на пазарот, управувањето и интероперабилноста, изјави потпретседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Јирген Ригтеринк, во интервју за „Еурактив“ и агенцијата „Бета“, во пресрет на Железничкиот самит за Западен Балкан, кој ќе се одржи денеска во Белград.
– ЕБОР има амбициозни планови во регионот за подобрување на квалитетот и брзината на услугите низ железничката мрежа преку проширување на Трансевропската транспортна мрежа во согласност со стандардите на ЕУ, дополнително зајакнување на капацитетот за подготовка и имплементација на проекти и соодветно, подобрување на управувањето, како и безбедност и одржување – изјави Ригтеринк.
Во врска со плановите на ЕБОР за железницата во Србија и регионот, тој рече дека еден од најважните проекти што ќе го поддржат е реконструкцијата на делницата Белград – Ниш.
– Во тесна соработка со ЕИБ и ЕУ, преку Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, работиме на обнова и надградба на оваа клучна железничка делница на Па-европскиот коридор 10, со цел зголемување на брзината на возовите до 200 километри на час, со подобрување на квалитетот на патничките и товарните железнички услуги – рече Ригтеринк.
Министерството за транспорт и врски на Македонија ја одбележува Годината на железницата, а по тој повод на 13 септември 2021 година во 22 часот на Железничката станица во Скопје ќе пристигне европскиот воз со кој се претставува железницата како еден од најодржливиот, најбезбеден и иновативен начин на транспорт.