Моментот на преземањето на иницијативата на Трамповата администрација во преговарачкиот процес за Косово, кој цела година беше во безизлез, не е случаен, особено што идејата за разграничување не е целосно отфрлена од страна на САД

Именувањето на американскиот амбасадор во Берлин Ричард Гренел за специјален претставник на САД за Балканот, во Србија беше примено со голема доза неизвесност. Вклучувањето на Малиот Трамп, како што е познат овој дипломат од кариера, во процесот за оживување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, отвори многу прашања. Што ќе направи Гренел? Што мислат партиите во Србија за неговиот ангажман и дали тие имаат свој план за Косово? Може ли да се реши косовското прашање и каде може да се гледа Косово за пет години?

Моментот на преземањето на иницијативата на Трамповата администрација во преговарачкиот процес за Косово, кој цела година беше во безизлез, не е случаен. Тоа се прави во период кога Париз и Берлин, соочени со проблемите во Европската Унија, покажуваат знаци на немоќ да влијаат во расплеткувањето на косовскиот јазол. Резултатите од предвремените избори на Косово со победата на радикалниот студентски лидер Албин Курти и неговите постизборни изјави за ревизија за досегашните односи со соседите, не се во насока на брзо наоѓање компромисно решение со Белград. Особено поради тоа што на српската страна победи политичката опција што ја застапува партијата на Александар Вучиќ, а тоа е зачувување на идејата за поделба на Косово и за размена на територии со Албанците. Ова е спротивно на очекувањето на Вашингтон, кој инсистира на брзо признавање на Косово од страна на Србија.

Иако најновата американска дипломатска офанзива на Балканот не треба да се поврзува со интересите на Македонија, тоа не значи дека нашата држава треба да биде пасивен набљудувач на тоа што се случува во нашето блиско соседство. Причина за ова е што има сигнали и за поактивно вклучување на Москва во периодот кога се најавува конечна разврска во косовско-српскиот спор, зад што стојат глобалните интереси на големите светски сили. Како и за тоа дека идејата за разграничување и размена на територии не е мртва, особено поради тоа што српскиот претседател постојано изјавува дека „Србија не може да изгуби нешто, а да не добие ништо“.
Лидерот на ЛДП Чедомир Јовановиќ смета дека Гренел брзо ќе „го расчисти теренот“ и многу прашања што го оптоваруваа дијалогот, од високите такси за српските производи до причините што го натераа Харадинај да воведе царинска блокада кон Србија.

– Нашето искуство со Дејтон е доволно јасна порака што можеме да очекуваме од претставникот на САД. Гренел ја игра истата улога како и Холбруг пред 24 години – вели Јовановиќ во изјава за РТС.

Борко Стефановиќ од Сојузот за Србија не е сигурен дека американскиот претставник ќе го донесе решението и очекува посилен притисок врз српското раководство, а роковите што им беа доделени истекуваат, без да има можности за ситно маневрирање.

– Тешко е да се разговара со луѓе што доаѓаат како политички убијци. Тие не разговараат, тие диктираат. Но низа фактори може да ја променат состојбата во корист на Србија. Прво, да се вклучи и Русија, како што активно се вклучија и САД. Вториот фактор е да се види какви услови поставува Америка. Третиот фактор е времето, односно тоа што САД следната година влегуваат во избори – вели Милорад Мирчиќ од Српската радикална партија.

Во одредени политички кругови во Белград преовладува мислењето дека со именувањето на Гренел повторно се враќа опцијата за разграничување меѓу Косово и Србија. За Гренел постои мислењето дека е близок со советникот на Трамп Џон Болтон (кој е сменет) и важеше за приврзаник на идејата за поделба на Косово.
– Ми се чини дека однесувањето на Гренел е пристрасно и тој не е доволно остар кон Приштина, а од Белград очекува да се откаже од Косово и Метохија, а за возврат да добиеме економска инјекција. Тој ја форсира приказната за економски напредок на регионот ако се постигне решение – вели Милован Дрецун, претставник на Собранието на Србија задолжен за прашањето за Косово и Метохија.

Според српските политички претставници, САД оставаат простор за продолжување на дијалогот меѓу двете страни, пред да се понуди конечното решение за Косово. Намерата на Гренел да се препознаат позициите на Србија, до каде е границата до која таа би можела да оди во наоѓањето компромисен договор со Приштина. Дел од опозицијата смета дека разграничувањето би претставувало отворање на Пандорината кутија, а регионот би бил доведен во нова дестабилизација. Наспроти тоа што голем број од Србите би останале во независно Косово. Но најмалку е познат планот на Владата во Србија.