Фото: Игор Бансколиев

Aлбанија

Доколку им се даде и најмала можност, дури 70 отсто од младите би ја напуштиле Албанија и би заминале во некоја од земјите на Европската Унија.
Овие алармантни показатели се дел од извештајот објавен од страна на Националната мрежа за млади на Албанија (ANYN) и ЦРЦА Албанија, во пресрет на Светскиот ден на младите, 12 август.

Алтин Хазизај, претседател на ЦРЦА вели дека оваа тенденција е во постојан раст и оти извештајот евидентирал дека младите на целата територија на земјата се соочуваат со недостиг од социјални и економски политики.

– Повеќе од загрижувачки е фактот дека над 70 отсто од младите сакаат да емигрираат во земјите на Европската Унија. Албанските граѓани не гледаат перспектива во својата земја и својот живот и нивниот напредок го гледаат во друга земја – вели Хазизај.
Една од главните причини што младите сакаат да заминат и ја гледаат својата иднина надвор од земјата е невработеноста. Последната студија на Светската организација за труд ја подредува Албанија на прво место по нивото на невработеност на младите.

– Доколку го поврземе ова со податоците на Светската организација за труд, ИЛО, каде што се наведува дека 32 отсто од младите во Албанија се невработени, тогаш албанската влада потфрлила кога станува збор за младите во Албанија – додава Хазизај.

По повод Светскиот ден на младите, ЦРЦА и Националната мрежа за млади меѓу другото бараат од албанската влада да го реализира ветувањето за одвојување од буџетот посебен фонд за спроведување на планот за дејствување за млади.