Нивото на водата на реката Дунав е на критично ниско ниво во Бугарија, а најмал протек е регистриран во германскиот и во унгарскиот дел на реката. Поради намаленото ниво на водата неколку речни бродови се заглавени и не можат да продолжат со патувањето. Во бугарскиот дел два товарни брода се заглавени во регионот на Русе.

Водите од поплавите во Централна и во Западна Европа од почетокот на летото се повлекоа пред неколку недели поради високите температури и недостигот од врнежи. Дваесет патнички брода се блокирани во пристаништата на Дунав во Виена. Туристите се соочуваат со изборот или да продолжат со патувањето по копно со автобус или да чекаат дожд.

Во Унгарија реките достигнаа рекордно ниско ниво, така што Дунав не може да се потпре само на притоките. Нивото на водата е на рекордно ниско ниво и во езерото Балатон.

Павлин Цонев, извршен директор на Агенцијата за истражување и одржување на течението на реката Дунав, вели дека во моментов главната тешкотија на превозот е во областа на Попина, на островот Гарван, каде што длабочината е во опсег од 2,10 до 2,20 метри.
– Се надеваме дека по вршењето хидрографски активности за обележување на новиот пат ќе има подобри услови за оние што патуваат – изјави тој за бугарските медиуми.