Лидерот на Партијата за заштита на човековите права (ПБДНЈ), партија на грчкото малцинство во Албанија, Вангел Дуле изјави дека во Албанија не се почитуваат правата на етничките малцинства.

Според него тоа се потврдува и во последниот извештај на Советот на Европа, во кој се наведува дека правата на етничките малцинства во Албанија не се почитуваат и оти земјата се рангира меѓу земјите кои имаат најниски стандарди кога станува збор за почитување на правата на малцинствата.

Тој смета дека е потребен искрен политички дијалог за подобрување на правната рамка за малцинствата.

– Во извештајот на Советот на Европа се наведуваат сите загрижености и критики на кои посочуваше Партијата за заштита на човековите права во политичкиот живот. Второ, извештајот дава жална оценка на реалноста дека во нашата земја не се почитуваат правата на малцинствата. Се обраќам на политичката класа дека на Албанија и е потребен искрен дијалог за подобрување на правната рамка за малцинствата. Да се активираат сите инструменти кои ќе го овозможат овој дијалог – порача Дуле.

Според него Албанија се уште е земја каде најмалку се почитуваат правата на малцинствата и оти неопходно е да се подобрат стандардите.